„А кога веќе Јаневска смета дека 140 денари се доволни, нека им објасни на студентите каков здрав, пристоен и нутритивно вреден оброк денес можат да купат за 140 денари. Цените на храната не останаа на нивото од моментот кога беше утврден овој износ. Само студентската субвенција остана иста, повторно ќе укажеме – спротивно на закон!“, велат од партијата
Министерката Јаневска вчера изјави дека засега не се планира зголемување на износот на студентскиот оброк бидејќи од студентите не добиле такво барање. Износот, додаде дека пред две години бил зголемен за 20 денари, наместо постепено усогласување од по седум денари годишно со инфлацијата
Субвенционираниот студентски оброк од 2023 година изнесува 140 денари. И по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година, Министерството во повеќе јавни повици го задржало истиот износ. Ова денеска го соопштија од партијата Левица, коментирајќи ја изјавата на министерката за образование и наука Весна Јаневска дека не се планира зголемување на износот на студентскиот оброки бидејќи студентите не се пожалиле.

Оттаму обвинуваат дека Владата не го зголемила износот на субвенционираниот студентски оброк од 140 денари, иако, како што велат, постои законска обврска за негово усогласување.
„Министерката од нас беше јавно предупредена дека постои законска обврска за усогласување, пред носењето на буџетот, а таа сега се однесува како примената на Закон да зависи од тоа дали некој студент ѝ се пожалил во кабинет. Од кога законските права во Македонија се активираат со поплака до Весна Јаневска?“,
велат од Левица.
Според партијата, износот на студентскиот оброк е 140 денари од 2023 година и не бил зголемен ниту по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година. Оттаму наведуваат дека Министерството за образование и наука (МОН) на 14 август 2024 година, а потоа и во април 2025 година и за академската 2025/2026 година, распишувало јавни повици со субвенциониран студентски оброк од 140 денари.
„Ајде, уште еднаш, бидејќи очигледно никој во МОН и УМС нема храброст да ѝ објасни на министерка што прави нејзиното Министерство. Кога ДПМНЕ дојде на власт во 2024 година, студентскиот оброк изнесуваше 140 денари (што впрочем и самата Јаневска го призна на ТВ24). 140 денари изнесува уште од 2023 година. На 14 август 2024 година, веќе со Јаневска на чело, МОН распишува јавен повик за субвенциониран студентски оброк во износ од 140 денари. Во април 2025 – повторно 140 денари. За академската 2025/2026 – повторно 140 денари. И денес повторно за 140 денари. Доволно е Министерката да го отвори најновиот јавен повик на сопственото Министерство. Таму нема ни 147, ни дополнителни 20 денари со кои продолжува да лаже дека се зголемил студентскиот оброк по доаѓањето на ДПМНЕ“,
велат од Левица.
Зголемените цени на храната, како што се вели во партиското соопштение, не се проследени со зголемување на студентската субвенција.
„А кога веќе Јаневска смета дека 140 денари се доволни, нека им објасни на студентите каков здрав, пристоен и нутритивно вреден оброк денес можат да купат за 140 денари. Цените на храната не останаа на нивото од моментот кога беше утврден овој износ. Само студентската субвенција остана иста, повторно ќе укажеме – спротивно на закон!“,
додаваат од партијата.
Оттаму велат и дека студентскиот оброк не треба да се третира како привилегија или милостина, туку како законски утврдено право.
„Тука најдобро се гледа класната безобразност на оваа вмровска власт. За функционерските привилегии никој не чека министрите да се пожалат. Никој од власта не предлага тие први да се откажат од удобностите што ги плаќаат граѓаните за да покажат дека може да се живее скромно. Но кога станува збор за студентски ручек, одеднаш секој денар е проблем и студентите требало прво да молат за да добијат нешто што не е милостина од ДПМНЕ, туку законски уредено право. За власта комфор, за студентот 140 денари и совет да не се жали. Тоа е целата младинска политика на ДПМНЕ“,
пишува во соопштението.
Од партијата тврдат и дека Владата во ниту еден момент не го зголемила студентскиот оброк и дека, поради непочитување на законската обврска, студентите биле оштетени за околу 6,5 милиони евра.
„И затоа Јаневска нека престане да ги прави студентите будали. Владата на ДПМНЕ во ниту еден момент не го покачила студентскиот оброк, а согласно Законот кој е на сила, државата ги има ограбено студентите за околу 6,5 милиони евра!“,
велат од Левица.
Министерката Јаневска вчера изјави дека засега не се планира зголемување на износот на студентскиот оброк бидејќи од студнетите не добиле такво барање.
Според неа, износот пред две години бил зголемен за 20 денари, наместо постепено усогласување од по седум денари годишно со инфлацијата.
„Наместо да покачуваме по седум денари, односно да се усогласуваме со инфлациската стапка, ние покачивме одеднаш 20 денари. Значи, најмалку за три години однапред ние им дадовме пари на студентите и досега кај мене или во Министерството поплака за студентскиот оброк не е стигната“,
кажа министерката.
Посочи дека е во постојан контакт со студентските организации и оцени дека студентите се задоволни од износот.
Министерството за образование и наука (МОН) пред два дена соопшти дека е објавен јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година.
Рокот за пријавување на студентите што веќе имаат статус на студенти, како и на оние што ќе се запишат во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август 2026 година.
Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно, средства наменети за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота, а неискористениот износ во текот на седмицата останува достапен на сметката до сабота.
