Засега, како што се додава во написот на весникот, нема извештаи за материјална штета или повредени лица

Властите за цивилна заштита на Грција наредиле евакуација на пет населби во близина на Атина поради големи пожари што беснеат југоисточно од главниот град и во близина на најголемата поморска база во земјата на островот Саламина, пишува грчки „Катимерини“.
Освен на овие пожари, пожарникарите интервенирале и на повеќе огнени стихии северозападно од градот и во Северна Грција.
Властите за цивилна заштита испратиле предупредувања за евакуација на телефоните на жителите од населбите во близина на пристаништето Лаврио, југоисточно од Атина, каде што повеќе од 70 пожарникари и 23 противпожарни возила, поддржани од пет авиони за фрлање вода, се справуваат со пожар.
Предупредувања биле испратени и за жителите во областа Елинико каде што има пожар во близина на поморската база и интервенирале шест авиони со водени бомби кои им помагале на 80 пожарникари со 25 противпожарни возила на терен.
Официјални лица на морнарицата изјавија дека пожарот не претставувал закана за базата.
Засега, како што се додава во написот на весникот, нема извештаи за материјална штета или повредени лица.
Спасувачи на грчкиот Црвен крст веднаш биле мобилизирани за пожарот што избувна во Саламина и тие им помагаат на противпожарните служби и им даваат прва помош и поддршка на пожарникарите.
Грчкиот Црвен крст останува во состојба на готовност, со цел да помогне секаде каде што има потреба.
На помош на пожарникарите им се ставени и авиони и хеликоптери кои фрлаат вода на пожарите и во други области.
Властите за цивилна заштита ги прогласиле островите во западниот дел на Јонското Море, вклучувајќи ги Крф, Закинтос, Кефалонија и Лефкада, на ниво на ризик од пожари од четврта категорија.
Поради сушата, ризикот од пожари останува висок во поголемиот дел од Грција, според грчката Агенција за цивилна заштита.
Земјата, кон крајот на летото, се соочува со топлотен бран со температури до 40 Целзиусови степени, а се предвидува дека тој ќе трае до почетокот на следната недела.
