„Ветрот во моментот е поволен и чадот не оди кон Кавадарци. Очекувам во текот на ноќта депонијата да биде затрупана и чадењето да биде намалено на минимум“, вели директорот на ДЗС
Пожарот на депонијата кај Кавадарци е делумно изгаснат, а огнот што излезе надвор од неа е совладан, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во вечерната видеоизјава за медиумите.
Сепак, тој додава дека од депонијата сè уште има чадење затоа што има внатрешно согорување.
Вели дека цело попладне на депонијата се интервенирало со гаснење со вода, за што биле вклучени и две возила БТР на ДЗС кои со топовите можат да фрлаат вода до 100 метри.
Но, бидејќи тоа не дало целосен резултат, Ангелов посочува дека гаснењето продолжува со затрупување на депонијата.
„Ветрот во моментот е поволен и чадот не оди кон Кавадарци. Очекувам во текот на ноќта депонијата да биде затрупана и чадењето да биде намалено на минимум“,
вели Ангелов.
Пожарот на депонијата „Мелци“ бил пријавен попладнево, а според претходната изјава на Ангелов, но и на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, причина за неговото избувнување е човечки фактор.
