Претседателот на САД вели дека на Иран му било порачано дека секој брод или чамец што ќе постави нови мини ќе биде уништен

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска обзнани дека сите мини во меѓународните води на Ормускиот Теснец се детонирани или отстранети и оти на Иран му било порачано дека секој брод или чамец што ќе постави нови мини ќе биде уништен.
Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, Доналд Трамп порача дека Соединетите Американски Држави, преку своите вселенски сили, го набљудуваат секој квадратен сантиметар од теснецот, кој претставува клучен поморски пат во глобалниот синџир за снабдување со енергенси.
„Политиката на нулта толеранција кон поставувањето мини е целосно во сила”,
изјави Трамп.
САД и Иран веќе неколку недели не извршуваат воздушни напади врз воените сили на спротивната страна, но нападите врз пловни објекти во Ормускиот Теснец продолжуваат додека двете страни се борат за контрола врз тесниот морски премин.
Во понеделникот низ теснецот биле транспортирани пет милиони барели нафта, покажуваат прелиминарните податоци на компанијата за следење бродови „Вортекса“. Тоа е значителен пад во однос на повеќе од 20 милиони барели дневно пред почетокот на војната.
