Смета дека по организираните онлајн подготовки, училиштата веќе сериозно пристапуваат кон пријавувањето потребен број учебници, односно за замена на оштетените, и дека пропустите што ги правеле се намалени во изминатите три учебни години

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека учебниците за новата учебна година веќе се дистрибуирани до училиштата и оти оваа година тоа е направено многу порано.
„Учениците ќе имаат учебници, тие се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата. Првпат годинава тоа го имаме завршено многу порано пред почетокот на учебната година“,
изјави Јаневска.
Прашана дали по 1 септември очекува да има поплаки за оштетените учебници, Јаневска вели дека нив ќе ги има, но верува дека ќе бидат сведени на минимум.
„Не можам да кажам дека ќе нема. За жал, верувам дека и ќе има. Но, искрено верувам дека тоа ќе биде сведено на минимум и дека ќе биде инцидентно“,
рече Јаневска.
Смета дека по организираните онлајн подготовки, училиштата веќе сериозно пристапуваат кон пријавувањето потребен број учебници, односно за замена на оштетените, и дека пропустите што ги правеле се намалени во изминатите три учебни години.
„Долго време беше отворен електронскиот систем оти тоа е начинот да бидеме сигурни дека работата ќе биде завршена како што треба. Сите што побараа ќе добијат и го добиваат она што побарале. Оние што не побарале е нивна одговорност и Министерството во иднина нема да презема никаква туѓа одговорност затоа што три години спроведуваме систем кој е стабилен и кој обезбедува стабилна набавка на учебници“,
додаде Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на порталот „Е-наука“.
