Од СДСМ наведуваат дека со напуштањето на линеарниот модел на зголемување и најавата за враќање на методологијата за усогласување што ја имала претходната влада, се потврдило дека линеарното покачување било на штета на пензионерите

Има ли некој што Мицкоски не го излажа – на сите пензионери им украде пари. Вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го обвини премиерот откако тој претходно изјави дека, за да се заштитат пензионерите, пензиите ќе растат согласно законот. Ваквото зголемување, Мицкоски рече дека е поради тоа што кога Владата ги зголемила пензиите линеарно тогаш одредени поединци, за кои рече дека биле охрабрени од опозициските партии, поднеле иницијатива пред Уставниот суд за негово укинување.
Од СДСМ наведуваат дека со напуштањето на линеарниот модел на зголемување и најавата за враќање на методологијата за усогласување што ја имала претходната влада, се потврдило дека линеарното покачување било на штета на пензионерите.
Според СДСМ, преку линеарните зголемувања од по 1 000 денари во септември 2025 година и во март 2026 година, на сите 347 296 пензионери им биле ускратени пари кои би ги добиле доколку останела претходната методологија.
Според методологијата на СДСМ, при усогласување во септември 2025 година, пензионерите со најниски примања би добиле по 1 280 денари, додека оние во повисоките категории би добиле помеѓу 1 550 и 3 100 денари, односно во просек околу 2 000 денари.
Со примена на претходната методологија, при усогласување во март 2026 година, наместо фиксните 1 000 денари, сите категории пензионери би добиле зголемување помеѓу 1 500 и 1 800 денари.
„Има ли некој што Мицкоски не го излажа? Линеарниот модел на Владата ги оштети сите пензионери“, се вели во соопштението на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има раст на пензиите од септември, рече дека тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон.
„Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во заднина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“,
рече Мицкоски.
Инаку, Уставниот суд на седница одржана на 4 март годинава одлучи дека линеарното зголемување на пензиите останува во сила.
„Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја сопре постапката“,
рекоа тогаш од Уставен.
