Намалувањето на бројот на паралелките рече дека не значи отпуштање на наставници вработени на неопределено време. Напротив, како што посочи, во одредени скопски општини, меѓу кои и Аеродром, има недостиг од наставен кадар и се очекуваат нови вработувања
Очекува природно да се затворат 26 рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои, како што додаде, наводно учат од пет до осум деца
Бројот на паралелки во основното образование е намален за околу 200, а во средното за околу 100 поради оптимизација на училишната мрежа, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на порталот „Е-наука“.
Намалувањето, како што додаде, е направено со цел учениците да имаат подобри услови за образование и социјализација, наместо да следат настава во мали и изолирани паралелки, особено како што е случајот во руралните средини.

Зборувајќи за оптимизацијата на училишната мрежа поради воведување едносменска настава, рече оти очекува природно да се затворат 26 рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои, како што додаде, наводно учат од пет до осум деца.
„Она што успеавме да го направиме, во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците, подобар квалитет на образование на учениците, а не изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број на ученици. Особено ако станува збор за комбинирани паралелки каде што учат ученици од три различни одделенија, колку што е со закон дозволено“,
кажа таа.
Според неа, настава во вакви комбинирани паралелки ќе се спроведува само онаму каде што ќе бидат принудени, односно ако подрачното (рурално) училиште се наоѓа на повеќе од 15-20 километри оддалеченост од првото најблиско централно училиште.
„Тогаш ќе го спроведуваме ова, и тоа го прават и други земји, и е оправдано. Но, ако имаме централно училиште во кое има 200 деца, а на 2,5 километри имаме училиште во коешто има 18 деца, нема логика да ги чуваме овие 18 деца заробени во тоа училиште. Треба да ги придвижиме кон ова другото“,
вели Јаневска.
Сепак, потенцира и дека намалувањето на бројот на паралелки не значи отпуштање на наставници вработени на неопределено време. Напротив, како што посочи, во одредени скопски општини, меѓу кои и Аеродром, има недостиг од наставен кадар и се очекуваат нови вработувања.
Посочи дека оптимизацијата е поврзана и со воведувањето едносменска и целодневна настава, со подолг престој на учениците во училиштата, што треба да овозможи подобра организација на наставата и поголема поддршка за учениците.
Соопшти дека за учебната 2026/2027 година досега се запишани околу 14 500 првачиња, но дека бројката не е конечна, бидејќи до крајот на септември трае уписот на учениците кои задоцниле со запишувањето.
Учебниците се веќе дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата
Министерката рече дека учебниците за учебната 2026/2027 година се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата, посочувајќи дека годинава процесот е завршен многу порано од почетокот на учебната година.
Системот за набавка и распределба на учебници во изминатите три години додаде дека е стабилизиран и овозможува навремено обезбедување на потребните учебници.
