Двајцата министри потпишале и два билатерални документи, со кои дополнително се зајакнува институционалната рамка за соработка меѓу Северна Македонија и Израел
Посетата на Израел е можност силните политички односи меѓу двете земји да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во областите на економијата, одбраната и одбранбената индустрија, кибербезбедноста, здравството, земјоделството и туризмот. Ова го рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со неговиот израелски колега Гидеон Саар, остварена во рамките на посетата на Израел.

„Ги потврдивме одличните билатерални односи и заедничката подготвеност за нивно натамошно продлабочување. Разговаравме и за можностите за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес“,
напиша Муцунски на Фејсбук.
Двајцата министри потпишале и два билатерални документи, како Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот од 2026-2029 година и Меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу двете министерства за надворешни работи.

„Со потпишаните документи дополнително се зајакнува институционалната рамка за соработка меѓу Северна Македонија и Израел“,
велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
За време на средбата со Саар, Муцунски изрази и благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажале по трагедијата во Кочани.
Во разговорите е потврдена и заемната определба за натамошно надградување на партнерството преку реализација на конкретни проекти, зајакнување на економските врски и отворање нови можности за соработка во повеќе области.
