На сесијата не присуствуваше ниту претседателот на Собранието и претседател на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, Африм Гаши. Наместо него, воведно обраќање имаше потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски
Засега нема официјална потврда дали отсуството на дел од пратениците од партиите на Албанците претставува организиран бојкот
Пратеникот Ријад Шаќири потврди дека намерно не присуствувал на сесијата, како реакција на неодамнешната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски за Косово при неговата посета на Белград. Зеленски тогаш изјави дека Украина го почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на Србија
Ниту еден од десетината пратеници Албанци, членови на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, не присуствуваше на денешната сесија во Собранието посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина.
На настанот не присуствуваше ниту претседателот на Собранието и претседател на Интерпартиската парламентарна група, Африм Гаши. Наместо него, воведно обраќање имаше потпретседателот на парламентот, Антонијо Милошоски.
Претходно од Собранието најавија дека сесијата ќе биде посветена на јубилејот на украинската независност и на активностите поврзани со Кримската платформа.

Парламентарната група за поддршка на Кримската платформа е формирана во октомври 2024 година по иницијатива на Гаши, со цел да се изрази парламентарна поддршка за Украина и нејзиниот територијален интегритет.
Засега нема официјална потврда дали отсуството на пратениците од партиите на Албанците претставува организиран бојкот или се должи на други причини.
Ријад Шаќири, пратеникот од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари во изјава за медиумите потврди дека намерно не присуствувал на сесијата, како реакција на неодамнешната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски за Косово при неговата посета на Белград. Зеленски тогаш изјави дека Украина го почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на Србија.
Шаќири оцени дека по таквата изјава Украина не може да ја има неговата поддршка и најави дека нема да присуствува ниту на идни манифестации и одбележувања поврзани со Украина.
Како што пренесуваат дел од медиумите, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) изјавиле дека дел од нивните пратеници се отсутни поради годишни одмори, додека дел, пак, не биле информирани за настанот.
На сесијата не присуствуваа ниту пратеникот од партијата на Турците, Сали Мурат, и независниот пратеник Илир Демири. Демири негира дека неговото отсуство било намерен бојкот.
Милошоски: Поддршката за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална

Милошоски упати честитка до украинскиот народ по повод Денот на независноста, нагласувајќи дека независноста е симбол на слободата, суверенитетот и правото на секој народ самостојно да ја определува својата иднина. Во знак на сеќавање на жртвите во војната во Украина, присутните оддадоа почит со едноминутно молчење.
„Поддршката која нашата држава ја дава за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална. Секоја држава мора да има можност самостојно да ја одбере својата иднина и своите партнери“,
рече тој.

Украинската амбасадорка Лариса Дир ја истакна важноста на меѓународната поддршка за нејзината земја, оценувајќи дека солидарноста од партнерите претставува дополнителна сила за украинскиот народ. Според неа, руската агресија продолжува да одзема човечки животи и претставува закана за безбедноста во Европа.
Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Оливер Спасовски, потсети дека Собранието уште на почетокот на руската агресија усвоило Декларација за поддршка на Украина. Тој порача дека окупацијата не може да создаде право и дека границите на суверените држави не смеат да се менуваат со сила.
Амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, нагласи дека одбраната на Украина е поврзана и со безбедноста на европскиот континент. Тој посочи дека Франција од почетокот на војната обезбедува дипломатска, финансиска и воена поддршка за Украина и повтори дека ставот на Франција е оти местото на Украина е во Европската Унија.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер оцени дека Украина не се бори само за сопствените права и слобода, туку и за европскиот безбедносен поредок. Таа посочи дека Германија ја осудува руската агресија и продолжува со поддршката за Украина.
Амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене, порача дека украинскиот народ ги брани своите основни права и слободи. Таа нагласи дека Литванија, потпирајќи се и на сопственото историско искуство, стои со Украина од почетокот на руската агресија и продолжува да обезбедува политичка и финансиска поддршка.
Вршителот на должност амбасадор на Полска, Мариуш Бримора, порача дека не може да се зборува за безбедноста на Европа додека на континентот трае воена инвазија. Тој потсети дека Полска ги отвори границите за украинските граѓани и дека во земјата денес легално живеат и работат повеќе од еден милион Украинци.
Османи: Украина заслужува мир, безбедност и европска иднина
И додека немаше пратеник од ДУИ на денешниот настан во парламентот, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и ексшеф на дипломатијата, Бујар Османи, на својот фејсбук-профил упати честитка до Украина по повод 35-годишнината од независноста на земјата, споделувајќи фотографии од посета на Украина и средба со претседателот Зеленски.
„Храброста на украинскиот народ во одбрана на слободата и суверенитетот останува инспирација за демократскиот свет“,
напиша Османи на Фејсбук.
Според него, слободата и независноста се универзални вредности кои заслужуваат еднаква почит за секој народ.
„Украина заслужува мир, безбедност и европска иднина“,
вели тој.
Украина на 24 август 1991 година го усвои Актот за прогласување независност, со што ја обнови својата државност по распадот на Советскиот Сојуз. Оваа година, 35-годишнината од независноста се одбележува во услови на војна со Русија.
Одбележувањето во Скопје е дел од парламентарните активности поврзани со Кримската платформа, меѓународна иницијатива посветена на прашањето за Крим и заштитата на територијалниот интегритет на Украина.
