Спасувачите користеле багери и друга опрема за да го расчистат подрачјето од лизгањето на земјиштето, за кое сведоци навеле дека било толку големо што затрупало станбена зграда и помали објекти
Најмалку 30 лица ги загубиле животите при лизгање на земјиште на депонија во главниот град на Гвинеја, откако обилните дождови во текот на ноќта предизвикале уривање на огромен куп ѓубре, закопувајќи ги блиските шатори и колиби, јавуваат светските агенции.

Несреќата доаѓа помалку од една недела откако владата на земјата објави планови за затворање на депонијата и преместување на отпадот поради опасноста што ја претставува, особено за време на тековната дождовна сезона, која секоја година предизвикува лизгање на земјиштето и смртоносни поплави во преполните и неразвиени градови низ делови од Западна Африка.
Според информациите на тамошната влада, одронот се сличил околу вчера 2 часот наутро во општината Гбесија, во главниот град на земјата Конакри.
„Во несреќата загинаа 30 лица, шестмина се сериозно повредени, а 16 други се полесно повредени“,
се додава во соопштението.
Спасувачите користеле багери и друга опрема за да го расчистат подрачјето од лизгањето на земјиштето, за кое сведоци навеле дека било толку големо што затрупало станбена зграда и помали објекти.
Инаку, Гвинеја има најголеми резерви на боксит во светот и најбогато неискористено наоѓалиште на железна руда – Симанду, каде во ноември лани започна масовен рударски проект. Но, како што наведува Ројтерс, станува збор за западноафриканска земја со лоша инфраструктура и широко распространета сиромаштија.
Според извештајот на Светската банка објавен во април, 3,7 милиони од 15,1 милиони луѓе живеат со помалку од 4,20 долари дневно.
Министерот за територијална администрација на Гвинеја, Џенаб Туре, во четвртокот објави дека депонијата се затвора бидејќи е небезбедна и дека отпадот ќе биде преместен надвор од Конакри.
Премиерот Амаду Ури Бах го посетил местото за да ја процени штетата и да го надгледува одговорот на спасувачките екипи во справувањето со катастрофата, соопшти тамошната влада. Тој ги повика граѓаните да останат смирени, да покажат солидарност и строго да ги следат упатствата на службите за спасување и надлежните органи.
