Македонија има 20,3 случаи на еден милион население, следна е Грција со 15,1 случаи, па Италија со 5,3

Македонија има највисока стапка на заболени од западнонилска треска на милион жители во Европа, објави ТВ Сител.
Според последниот седмичен извештај на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, до петокот, кога од земјава биле пријавени 37 инфицирани, тоа значи околу 20 случаи на еден милион население. Иако во Италија, Грција и Шпанија има многу повеќе заболени, споредено со големината на државите, Македонија има 1,3 пати повеќе случаи на еден милион жители од Грција, речиси 4 пати повеќе од Италија, 14 пати повеќе од Романија, 23 пати повеќе од Шпанија.

Во меѓувреме, бројот на заболени во земјава се искачи на 43 лица.
Освен по број на инфицирани на милион жители, Македонија има и највисока стапка на смртност во Европа, анализира ТВ Сител. Со досегашните 5 починати, тоа е 2,7 на милион жители.
Вчера директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, објави дека е регистриран петтиот смртен исход. Станува збор за 73-годишен пациент со тешка клиничка слика и други придружни болести. Починатиот е од населбата Долно Лисиче во Општина Аеродром, една од скопските општини во кои е прогласена епидемија на западнонилска треска.
Властите во петокот соопштија дека биле мапирани 34 ризични точки во скопскиот регион на кои се врши теренско прскање против комарци за да се спречи ширење на заразната болест.
