Украина верува дека Русија планира регрутацијата да ја изведе во оддалечените региони, избегнувајќи ги големите градски средини

Руските сили продолжуваат со обидите да го освојат преостанатиот дел од индустрискиот регион Донбас на истокот на Украина, каде што, според Киев, напредуваат по цена на големи загуби.
Во денешна изјава за новинарите, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија би можела во 2027 година да регрутира дополнителни 300 000 војници за да ја достигне целта од 500 000, како дел од, како што ја нарече, „периферна мобилизација“, насочена кон оддалечените руски региони.
„Веруваме дека тоа нема да се случува во централните градови, но не мислам дека ќе можат добро да го сокријат“, рече Зеленски.
Парламентарните избори во Русија треба да се одржат од 18 до 20 септември.
Додека траат жестоките борби околу стратешки важниот град Костјантинивка, Зеленски тврди дека Русија губи „максимален“ број војници во обидите да напредува кон таканаречениот украински „појас на тврдини“ – синџир од поврзани одбранбени позиции и градови во Донецката област на истокот на земјата.
Украинскиот претседател истовремено го поздрави неодамнешното напредување на сопствените сили во југоисточна Украина, оценувајќи дека до крајот на 2026 година територијата окупирана од Русија и онаа ослободена од украинските сили ќе биде приближно еднаква.
Русија ја засилува офанзивата и нападите од воздух
Според Зеленски, Русија ја засилува офанзивата на фронтот со сè поинтензивни воздушни напади врз украинските градови, додека ситуацијата за Украина дополнително ја отежнува недостигот на американски пресретнувачи „Патриот“.
Зеленски рече дека 264-те пресретнувачи што Украина очекува да ги добие во 2026 година се значително помалку во споредба со 364 во 2025 г. и 675 во 2023 година. Тој додаде дека целта на Русија е да развие капацитет за производство до 1 300 балистички ракети годишно.
Во текот на летото Украина ја засили кампањата со напади со беспилотни летала врз руската економска инфраструктура, вклучително и нафтени рафинерии и магацини на интернет-трговци. Целта, според Киев, е уништување на инфраструктурата што ја смета за клучна за руските воени напори и напредувањето на фронтот.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, вчера изјави дека Киев ја отворил „Пандорината кутија“ со нападите врз економски цели и најави дека Русија ќе возврати со удари врз „најчувствителните економски сектори“ на Украина.
Украина се подготвува за нови напади, недостигаат и пари
Зеленски предупреди дека Украина ја очекуваат уште една тешка зима и нови руски напади врз енергетската мрежа, поради што украинските воздухопловни сили побарале 360 пресретнувачи на ракети.
Тој рече дека годинава постигнал договор со Франција за најмалку еден систем за противвоздушна одбрана SAMP/T, а со Германија за испорака на околу 600 пресретнувачи PAC-2 и PAC-3 до 2028 година.
Украинските воени напори дополнително ги отежнува недостигот од 27 милијарди долари за финансирање на одбраната оваа година, рече Зеленски, што е последица на поголемата потрошувачка во првата половина од годината од првично планираната.
За „нормален почеток“ на 2027 година, според него, потребни се најмалку осум милијарди долари, како и дополнителни 20 милијарди долари за плати на војниците, исплати за семејствата на загинатите и други трошоци.
