Популарниот Михајло Федоров вели дека неодамна отворената истрага за перење пари покажува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да биде испрашан за можна корупција во неговиот најблизок круг

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да одговори на прашањата за корупција во владата, изјави за Би-би-си разрешениот министер за одбрана Михајло Федоров.
Популарниот Федоров, кој како министер ја модернизираше армијата и беше еден од пионерите во употребата на дронови во војувањето, беше разрешен во јули, откако наводно влегол во конфликт со началникот на украинските вооружени сили.
За Би-би-си, Федоров вели дека неодамна отворената истрага за перење пари покажува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да биде испрашан за можна корупција во неговиот најблизок круг.
Поранешниот министер, сепак, додава дека лично не забележал Зеленски да биде вмешан во коруптивни активности.
„За сето време додека работев со него, ниту еднаш не добив задача или наредба што би била спротивна на законот или на моето чувство за интегритет“, рече Федоров.
Поранешниот министер го повтори и повикот за одржување избори во Украина, неколку дена откако објави видео во кое повика на гласање и во услови на воена состојба.
Украина е под воена состојба од почетокот на руската инвазија во 2022 година, што значи дека изборите се суспендирани. Петгодишниот претседателски мандат на Зеленски истече во мај 2024 година.
Сепак, Федоров смета дека има „морално право“ да отвори разговор за одржување избори.
„Не треба да се плашиме да разговараме за тоа. Тоа е суштината на демократијата. Ако не можам да ги споделам своите идеи и да бидам отворен во сопственото општество, тогаш за што се бориме“, вели Федоров.
„Ако изборите никогаш не се одржат, тогаш повеќе не сме демократија“, додава тој.
