Јотова, се додава во написот на телевизијата, изјавила и дека заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија не треба да биде повод за разделби

Бугарија нема да се откаже од Бугарите во Република Северна Македонија и ќе продолжи да ги штити нивните права, изјавила бугарската претседателка Илијана Јотова, пренесува телевизијата БТВ.
Медиумите од земјата соопштија дека Јотова ја дала изјавата вчера на местото Петрова Нива, каде што присуствувала на чествувањето на 123-годишнината од, како што се вели, Илинденско-преображенското востание.
Јотова, се додава во написот на телевизијата, изјавила и дека заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија не треба да биде повод за разделби.
„Денес во Република Северна Македонија се зборува за Бугарите, а историјата ни е заедничка. Што имаме да делиме?“,
рекла претседателката.
Таа додала дека на јазикот на омразата треба да му се спротивстават и политичарите и општеството.
„Нема да се откажеме од вас и ќе ги браниме вашите права, правата на секој еден човек. Тоа не е политичка декларација. За мене тоа е вистинска почит на заветот на илинденците, кои знаеја дека само со единство можеме да имаме слобода, државност и слобода за секој човек“,
рекла Јотова.
Инаку, Бугарија инсистира на внесување на Бугарите како малцинство во македонскиот устав, услов што беше внесен и во Преговарачката рамка за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Земјата, исто така, бара заедничко толкување на личности и настани од историјата, особено од периодот пред и за време на Втората светска војна.
