Од друга страна, пак, во групи за патување во Грција, кои се активни на социјалните мрежи, се споделуваат видеа на кои може да се види дека во меѓуграничниот простор меѓу „Богородица“ и „Евзони“ има колони возила, а корисници коментираат дека се чека и по час и половина за влез во Грција

Од половина час до 40 минути се чека утринава на граничните премини „Богородица“ и „Табановце“ за излез од земјава.
Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), времето на чекање на „Табановце“ на македонско-српската граница е 40 минути за влез и излез од државата, додека на „Богородица“ за излез кон Грција се чека половина час.
И камерите на Јавното претпријатие за државни патишта, кои се поставени на граничните премини и во живо ја пренесуваат состојбата, покажуваат дека на „Богородица“ утринава го нема метежот и колоните возила како што беше случај изминатите денови.
Од АМСМ велат дека на другите гранични премини нема подолги задржувања за излез и влез во земјата.
Од друга страна, пак, во групи за патување во Грција, кои се активни на социјалните мрежи, се споделуваат видеа на кои може да се види дека во меѓуграничниот простор меѓу „Богородица“ и „Евзони“ има колони возила, а корисници коментираат дека се чека и по час и половина за влез во Грција.
Инаку, од АМСМ додаваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен.
Автомото сојузот на Македонија апелира на внимателно управување со возилата, приспособена брзина и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на делниците каде што постои можност од одрони.
