Според него, земјоделците среде берба се соочуваат со ниски откупни цени и огромен раст на трошоците за производство

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за време на денешната посета на Тиквешкиот регион и средбите со лозарите, ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и Владата за суров и нечовечен однос кон лозарите. Според него, земјоделците среде берба се соочуваат со ниски откупни цени и огромен раст на трошоците за производство.
Филипче посочи дека цените на горивата, водата, ѓубривата и дневниците за работна рака, кои достигнуваат и до 2 000 денари, сериозно ја отежнуваат егзистенцијата на лозарите.
Поради ваквата состојба, Филипче најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог-закон во Собранието со кој откупната цена на сите сорти на винско и трпезно грозје ќе се зголеми за 5 денари по килограм.
Исто така, ќе бараат укинување на попустот од 8 проценти што винариите го бараат како предуслов за веднаш да го платат откупеното грозје.
Вели дека е потребно и донесување на интервентна мерка со која државата ќе го откупи целото црно грозје што ќе остане непродадено.
„Да се донесе интервентна мерка, затоа што има најави дека не целото црно грозје ќе биде откупено. Целото црно грозје коешто ќе им остане на лозарите да биде откупено од страна на државата“,
рече Филипче.
Филипче нагласи дека овие чекори се неопходни за да им се помогне на луѓето кои ги вложиле сите свои заштеди и работат на високи температури за да обезбедат егзистенција за своите семејства.
„Ова е најмалку што оваа ненародна, предавничка власт на Христијан Мицкоски може да направи за овие луѓе“,
рече Филипче.
