Освен во овие акции, полициските службеници во текот на вчерашниот ден лишиле од слобода и неколку повозрасни лица од други градови, кај кои била пронајдена и одземена марихуана

Во текот на изминатото деноноќие полициски службеници уапсиле двајца малолетници од Скопје откако кај нив биле пронајдени тврда кафена материја и марихуана. Освен малолетниците, полицајците го уапсиле и 19-годишниот стружанец Б. С.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), уапсените малолетници се на возраст од 13 и 17 години.
Од МВР велат дека по целосно документирање на случаите, за лицата ќе следуваат соодветни поднесоци.
Синоќа се лишени од слобода и лица од Тетовско, откако полицајци заедно со припадници на единицата „Тигар“ извршиле претрес во куќа и барака-работилница во Тетово, кои биле користени од 36-годишниот П. М.
Во работилницата, како што додаваат од МВР, се затекнати три лица – Л. С. (19) и двајца 16-годишни малолетници. Кај Л. С. и кај едниот малолетник биле пронајдени бела прашкаста материја, марихуана и две дигитални ваги. Дополнително, во објектот биле пронајдени кутии со бела прашкаста материја и парични средства во различни валути и апоени. По ова лицата се лишени од слобода.
Освен во овие акции, полициските службеници во текот на вчерашниот ден лишиле од слобода и неколку повозрасни лица од други градови, а кај кои била пронајдена и одземена марихуана.
Во Кочани бил уапсен 27-годишниот С. М., а во Куманово Д. М. (37). За двете лица од МВР велат дека по документирањето на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола, пак, информираат дека е поднесена кривична пријава против 48-годишниот И. Ѓ. од Прилеп, откако претходно на 18 август полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени стебла од канабис. За прилепчанецот постои сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
