Социјалдемократите, повикувајќи се последните пресметки на Државниот завод за статистика, ја обвинија власта и премиерот Христијан Мицкоски дека додека тој секојдневно презентира, како што велат, весела математика за раст на платите од 72 отсто, а на пензиите од 325 отсто, просечната нето-плата е намалена за 1 163 денари
Од владејачката партија, пак, како контрааргумент, го споредија износот на просечната плата во мај 2017 година, кога на власта беше СДСМ, со оној пресметан истиот месец оваа година. Оттаму велат дека за овие нешто повеќе од две години, откако тие се на власт, просечната плата растела околу 70 проценти повеќе отколку во периодот кога извршната власт беше во рацете на СДСМ и ДУИ
Движењето на просечната плата во државата денеска беше повод за нови препукувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите, повикувајќи се последните пресметки на Државниот завод за статистика, ја обвинија власта и премиерот Христијан Мицкоски дека додека тој секојдневно презентира, како што велат, весела математика за раст на платите од 72 отсто, а на пензиите од 325 отсто, просечната нето-плата е намалена за 1 163 денари.
„Државниот завод за статистика објави дека за само еден месец просечната плата се намалила за 1 163 денари, односно за 2,3 проценти. За падот на животниот стандард на граѓаните и не им треба статистиката, тие ја гледаат дома, во празните фрижидери и во празните паричници. Просечната платата за еден месец паднала за 1 163 денари, минималната плата од 26 000 денари не е доволна ниту за третина од потрошувачката кошничка која порасна на 70.000 денари“,
велат од СДСМ.
Во тој контекст, од партијата се осврнуваат и на инфлацијата, наведувајќи дека високите цени на основните производи ги празнат семејните буџети и иронично додаваат дека тоа е вистинската слика на „третата економија во Европа“, алудирајќи на изјавите на премиерот Мицкоски.
„Веселата математика на Мицкоски не може да ја плати сметката на ниту едно семејство. Помала плата. Поскап живот. Празни џебови и празни фрижидери. Но ајде да зборуваме за убави работи – доаѓа нов авион за Мицкоски“,
велат од СДСМ, алудирајќи на изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кој завчера во телевизиско гостување соопшти дека идејата за набавка на нов владин авион не е повлечена ниту пропадната.
Во реакцијата на ставот на опозиционерите, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Социјалдемократскиот сојуз и неговиот лидер Венко Филипче продолжуваат да си поигруваат со граѓаните и да создаваат паника.
Од владејачката партија, како контрааргумент, го споредија износот на просечната плата во мај 2017 година, кога на власта беше СДСМ, со оној пресметан истиот месец оваа година.
„Еве неколку бројки со кои можеби на раководството на СДС поставено од Филипче ќе му биде појасно. Во месец јуни 2017 година просечната плата изнесувала 22 808 денари, а во мај 2024 година просечната достигнала 41 252 денари. Тоа е зголемување од 18 444 денари за 84 месеци, што значи дека просечната плата во просек се зголемувала за околу 220 денари месечно. Во јули 2024 година, просечната плата изнесуваше 40 961 денар. Во мај 2026 година, просечната плата достигна 49 544 денари. Тоа е зголемување од 8 583 денари за 23 месеци владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Во просек, просечната плата се зголемувала за околу 373 денари месечно“,
се вели во соопштението на владејачката партија.

Сумирајќи ги овие бројки, оттаму велат дека за овие нешто повеќе од две години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, просечната плата растела околу 70 проценти повеќе отколку во периодот кога извршната власт беше во рацете на СДСМ и ДУИ.
Според владејчката партија, во случајот не се потребни празни зборови и политички пароли, бидејќи, како што наведуваат, бројките зборуваат сами за себе.
Инаку, Државниот завод за статистика вчера објави дека ппросечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесувала 48 381 денар и бележи раст од 6,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Сепак, ако се споредат податоците објавени на ДЗС за претходните месеци, може да се види дека просечната исплатена нето-плата во јуни е пониска за 1 163 денари во споредба со мај годинава.
