„Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето што работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници“, велат од Здружението за одржлив развој САТ-Скопје
Повеќе од 45 од 112 новопоставени столба за зимска маркација на релацијата Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети – објави Здружението за одржлив развој САТ-Скопје. Причинета е голема материјална штета, која се проценува на најмалку 8 000 евра.

„Значителен дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, е уништена, оштетена или отстранета. Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето што работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници“,
се наведува во соопштението на Здружението за одржлив развој САТ-Скопје.
Оттаму посочуваат дека маркацијата била спроведена од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње, кои во исклучително тешки планински услови вложиле значителен број работни часови во транспорт, подготовка и поставување на опремата.
„Планинарската маркација не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици. Уништувањето на планинарската маркација претставува и уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам. Тоа директно се спротивставува на целта на НП ‘Шар Планина’ и локалните општини – прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината“,
велат од Здружението.
Вандализмот е пријавен во полициската станица Попова Шапка на 19 август. Од Здружението очекуваат надлежните да ги утврдат сите околности во случајот и да постапат согласно прописите кон сторителите на кривичното дело.
