Пожарот, за кој директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека избил претпладне, брзо се проширил и навлегол во квалитетна шума

Три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) интервенираат врз пожар во атарот на селото Никуштак, Општина Липково.
Пожарот, за кој директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека избил претпладне, брзо се проширил и навлегол во квалитетна шума.
„Тука имаше екипи на Национални шуми, но и локалното население до коешто упатувам голема благодарност. Ќе се обидат да го сопрат пожарот некаде каде што условите на теренот дозволуваат да се направат пресеци со трактори“,
вели Ангелов во видеоизјава.
Имер Рамадани, вработен во Општина Липково, е задоволен од работата на „ертракторите“ и се надева дека пожарот ќе успеат да го изгаснат пред да ја зафати целата шума.
Ангелов потсети и дека сè уште е активен пожарот во Мариовско, кај селото Чаниште со крак кон селата Крушевица и Лопатица и крак кон Црна Река, а каде што гори ниска вегетација.
И пожарот којшто се движи кон Китка на територијата на Општина Студеничани, Ангелов вели дека им задава големи проблеми, како и оној на територијата на Македонски Брод, кај селата Драгов Дол и Локвица.
