Томовски напомена дека за само две години се потрошени околу два милиона евра за сервисирање на сегашниот владин авион кој е од 2004 година и често бил надвор од употреба поради дефекти. За овој авион, објасни директорот на СОЗР, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели

Идејата за набавка на нов владин авион не е повлечена ниту пропадната, потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостувањето во „Вести плус“ на телевизија Канал 5. Тој смета дека ако сакаме да бидеме сериозна држава, мора да имаме владин авион.
Според него, владиниот авион не се користи само за потребите на Владата, туку и за да им се помогне на граѓаните во одредени ситуации, потсетувајќи на последните два случаи кога повредени пациенти се носеа на лекување во други земји.
Томовски напомена дека за само две години се потрошени околу два милиона евра за сервисирање на сегашниот владин авион кој е од 2004 година и често бил надвор од употреба поради дефекти. За овој авион, објасни директорот на СОЗР, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели. Авионот, освен што е стар, посочи Томовски, е и мал, со само шест седишта.
„Проблемот е што е поприлично мал, има само шест седишта и не може да отиде на патување со поголема поголема делегација. Затоа зборувам дека новиот авион којшто треба да се набави прво нема да ги има овие дефекти. Да, тој ќе има сервиси, редовни сервиси како за секој авион и за секое возило коешто ги правите редовни сервиси, но нема да биде надвор од употреба поради недостиг на одреден дел“,
рече Томовски.
Според него, владиниот авион секогаш се користи исклучиво за службени потреби, што е поткрепено со документи и барање од одредена институција.
„Авионот го користиме за претседател на Владата, претседател на држава и претседател на Собранието. Ние како служба ги покриваме трошоците, но со претходно барање од овие институции, додека сите останати институции и сите министерства кои поднесуваат барање до нас, вршат практично плаќање до службата за да се покријат трошоците и останува некој профит“,
рече Томовски.
Во врска со службените возила кои имаат црвени таблички, ги охрабри граѓаните, ако забележат, да пријавуваат злоупотреби, не само на електронската адреса за таа намена, туку и на „ѕидот на срамот“.
„Пред една година, на барање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, јас ја спроведов оваа постапка, сите службени возила во државата да добијат таблици во боја, за да се спречи злоупотреба. Причината зошто ги поставивме овие црвени таблици е граѓаните да можат да пријават. Можам да кажам дека поминавме еден изборен циклус каде што не беше пријавен ниту еден потенцијален или можен начин за злоупотреба на службените возила“,
рече Томовски.
Во СОЗР, според него, има неколку дисциплински постапки во однос на констатирани злоупотреби, почеток пред дисциплински и опомени.
На прашањето што се случува со зградата на Комерцијална банка, потсети дека крајниот рок беше 20 јуни, па се потпиша анекс за 10 август. Томовски очекува за максимум еден месец институциите веќе да почнат да се вселуваат.
„Објектот е веќе завршен или веќе е во фаза на завршување. Сега се формираат комисии од СОЗР, надзорот и изведувачот, ќе се утврдува дали има некакви аномалии и грешки, зашто тука завршува рокот, нема веќе негово продолжување, а вселувањето на институциите ќе оди етапно“,
информира Томовски.
