Во контекст на економскиот дел од приоритетите, Муцунски, прашан во кои пазари гледа најголем потенцијал, рече дека нема никаква дилема оти наш клучен партнер за економска соработка е Европската Унија и нејзините земји членки. Но, како еднакво значајни ги посочи и напорите за развивање на трговијата со Соединетите Американски Држави, Индија и, како што кажа, земјите од Арапскиот Залив
Премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на денешната сесија од состанокот изјави дека тоа што е стратешка определба на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е стратешка определба на Владата и, како што додаде, тука нема дилеми
Заштита на македонските национални интереси, потенцијалот на дипломатско-конзуларните претставништва во делот на економската дипломатија и заштита на граѓаните кои живеат надвор од границите на нашата држава се трите теми, дефинирани како стратешки национални интереси, кои денеска ќе бидат презентирани и на кои ќе се разговара на Амбасадорскиот совет што денеска и утре се одржува во Скопје.

На настанот, кој се одржува во Клубот на пратеници, присутни се најголемиот дел од активните шефови на димпломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство. Инаку, претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва по првпат се собираат во Скопје по 2019 година, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во изјава за медиумите, додавајќи дека целта е тоа да прерасне во редовен годишен настан.
Пред почетокот на Амбасадорскиот совет, на кој треба да се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, шефот на дипломатијата Муцунски изјави дека целта во рамките на оваа сесија со претседателот на Владата е нашите амбасадори и генерални конзули изворно да слушнат кои се приоритетите за следната година и да добијат насоки за постапување по однос на нашите клучни стратешки национални интереси.
„Од наша гледна точка ние изразивме три клучни приоритети – прво е заштитата на македонските национални интереси. Второ е користењето на потенцијалот на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во делот на економската дипломатија, но и стимулирање на трговијата, односно извозната компонента на нашата економија. Третата е заштитата на интересите на нашите граѓани надвор од нејзините граници – независно дали се тоа Македонци коишто живеат надвор од нашата држава или се тоа наши граѓани коишто патуваат заради различни причини. И во таа смисла тука зборуваме пред сè за конзуларните услуги и потребата од нивна модернизација, подобри услуги за Македонците надвор од границите на државата“,
изјави Муцунски.
Во контекст на економскиот дел од приоритетите, Муцунски, прашан во кои пазари гледа најголем потенцијал, рече дека нема никаква дилема оти наш клучен партнер за економска соработка е Европската Унија и нејзините земји членки. Но, како еднакво значајни ги посочи и напорите за развивање на трговијата со Соединетите Американски Држави, Индија и, како што кажа, земјите од Арапскиот Залив.
„Европската Унија ни е најзначаен трговски партнер, земјите членки на Европската Унија. Но, еднакво значајно во последниот период и импетусот, којшто го даваме насочен кон засилена трговска соработка со Соединетите Американски Држави. Скоро беше тука во посета претседателката на Индија. Индија исто така е еден значаен пазар. Земјите од Арапскиот Залив се исто така земји со коишто гледаме интерес и гледаме засилена соработка во следниот период. Така што, секако примарна ни е соработката со оние традиционални трговски партнери, но отвораме можности и за нови пазари и тоа се дел од приоритетите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва“,
рече Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање колку амбасадори и генерални конзули се присутни на состанокот во Скопје, Муцунски кажа дека само два-тројца претставници на дипломатско-конзуларните претставништва не можеле да дојдат од објективни причини.
„Значи, скоро сите шефови на дипломатско-конзуларни претставништва се присутни во државата“,
додаде тој.
Премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на денешната сесија од состанокот изјави дека тоа што е стратешка определба на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е стратешка определба на Владата и, како што додаде, тука нема дилеми.
„Тоа што го кажа министерот е апсолутно усогласено со политиките на Владата. Така што дел од пораките што јас денеска ќе ги говорам пред нив се содржани во тие три столба“,
изјави Мицкоски.
