И се разбира дека ќе ги победиме, рече премиерот

Граѓаните не сакаат избори, туку реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање поврзано со барањата за предвремени избори. Тој вели дека перформансите на оваа влада се 3:1, споредено со претходната, но тврди дека не бега од избори.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада 4 години, но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“,
кажа Мицкоски во изјава пред почетокот на Амбасадорскиот совет.
Во однос на тoa дали уставните измени со одложено дејство се вратени на маса за надминување на спорот со Бугарија и дали по одморите ќе има разговори со опозицијата за надминување на застојот во Собранието со Бадентеровото мнозинство, Мицкоски вели:
„Политиката се темели на разговори, јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Се разбира, ние знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ние ќе се обидеме да го изнајдеме решението и за првото прашање и за второто“.
Во однос на изјавата на Румен Радев дека го поддржува проширувањето на Европската Унија, но бара исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во Макеоднија, премиерот посочи дека Уставот нуди сериозна заштита на сите граѓани.
„Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита на сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница и тоа не го зборувам само јас, тоа го зборува и еве, да речеме, Советот на Европа, којшто ги третира човековите права и затоа и мониторинг и постмониторинг-мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници се гарантирани со нашиот Устав. Сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано некоја друга влада, не оваа на господинот Радев, дека ќе ги почитува човековите права, а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО ‘Илинден’ – Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур. Партнери треба така да разговараат, партнерски , искрено, соседи исто така треба така да разговараат и јас сум подготвен секогаш да разговарам на оваа тема“,
кажа Мицкоски.
Тој вели дека досега не е иницирана средба на кое било ниво.
„Јас сум подготвен во кој било момент да разговарам, но средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето ниту на неговото време, очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближи позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен“,
рече тој.
„
