Уште 33 лица се повредени

Во силно руско бомбардирање во текот на ноќта загинаа најмалку девет лица во главниот град на Украина и околниот регион, објави „Гардијан“.
Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека во ракетен напад врз Киев погодени се станбени области и магацини. Според градските воени власти оштетени се згради, медицинска установа и образовна институција, при што осум лица загинаа, а 33 се ранети.
Покрај тоа, во напад во реонот Бровари, загина уште еден човек, а друг беше ранет, изјави регионалниот гувернер, Тимур Ткаченко.
„Еден индустриски објект е оштетен. Сите релевантни служби се на лице место и работат на гаснење на пожарот“, рече тој.
Воздухопловните сили на Украина предупредија за руски крстосувачки ракети „Калибр“ кои минуваат над Кагарлик и се упатуваат кон главниот град.
Сведок за „Ројтерс“ изјавил дека слушнал повеќе од десетина експлозии. Украинската служба за итни случаи им помагала на луѓето безбедно да ги напуштат објектите погодени во текот на ноќта во Киев.
Воената команда на Полска соопшти дека мобилизирала авиони и активирала воздушна одбрана насочена кон заштита на полскиот воздушен простор, особено во областите што граничат со Украина.
Романското министерство за одбрана соопшти дека радарските системи откриле воздушни цели во близина на украинската граница во текот на ноќта, што предизвикало слетување на два шпански борбени авиони распоредени во мисии на НАТО и еден хеликоптер на романското воздухопловство.
Русија и Украина разменуваат напади речиси секојдневно од целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година, а дипломатските напори во кои учествуваат САД и Европа досега не успеаја да доведат до траен прекин на огнот.
