Отстранете стоечка вода од дворот (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорците и на вратите. Избегнувајте престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете репеленти. При појава на симптоми, побарајте лекарска помош, советуваат надлежните

Заклучно со 18 август, според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска , од кои 36 се потврдени и два веројатни. Едно лице со западнонилска треска во државата е на возраст од 20 до 29 години, додека кај деца досега не е регистрирана појава на вирусот.
Од заболените, вкупно 37 се во Скопскиот Регион, а еден од Велес. Досега се евидентирани четири смртни случаи – сите машки на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети, беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
Во изминатата недела, од 12 до 18 август, пријавени се 12 нови случаи, вклучувајќи три нови смртни исходи.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ спроведе контрола на активности за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат систематските и вонредните (по епидемиолошка индикација) активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција – авионска и терестичка – на територијата на Град Скопје и општините Гази Баба, Кисела Вода (населбата Драчево), Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. Заклучно со 14 август 2026 година се спроведени повеќе циклуси на третман, вклучително и дополнителни интервенции на стоечки водени површини во засегнатите подрачја.
Почната е кампања за СМС-информирање на граѓаните.
„Со цел граѓаните од засегнатите подрачја навремено да добијат совети за лична заштита од убоди на комарци, во тек е масовна СМС-кампања за информирање на населението. Кампањата опфаќа испраќање на вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини. Вчера (18 август) испратени се 6.526 пораки – испраќањето започна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. На чекање за испраќање остануваат уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност – до 70 отсто од доставените пораки се прочитани од примачите и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката“,
информираа надлежните.
Апелираат до граѓаните да се спроведуваат и почитуваат дадените препораки.
„Отстранете стоечка вода од дворот (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорци и врати. Избегнувајте престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете репеленти. При појава на симптоми – висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и слично, веднаш побарајте лекарска помош и известете го докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја“,
се советите од надлежните.
Од Министерството за здравство тврдат дека продолжуваат со засилени активности за информирање и заштита на населението во општините зафатени со зголемено присуство на случаи на западнонилска треска, паралелно со редовните мерки за контрола на популацијата на комарци.
„Мислам дека правиме максимум што можеме. Одговорно тврдам дека сите мерки се преземале, преземаат и ќе се преземаат понатаму“,
вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој најави во петок состанок со надлежните за застоените води.
Од Министерството за здравство потенцираа дека ќе продолжат редовно да ја информираат јавноста за епидемиолошката состојба и за преземените превентивни активности.
