Чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка вели дека Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес за отстранување на последните пречки за напредокот на Северна Македонија. Според него, ЕУ треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на земјава за членство, но и направените отстапки во минатото
Чешка е подготвена да помогне во процесот на постигнување прифатливо решение за Скопје и Софија – порача денеска министерот за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка, кој е во дводневна официјална посета на земјава. За време на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Тимчо Муцунски во Охрид, тој во оваа смисла ги нагласи добрите односи што Прага ги има со Северна Македонија и Бугарија.

Рече дека односите помеѓу Скопје и Софија може да бидат една од темите на разговор и за време на посетата на чешкиот премиер Андреј Бабиш на Бугарија, за околу три недели отсега.
„Сигурно ќе сакам да разговарам со него за ова прашање. Целта е спорот да се надмине и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни. Би сакале да придонесеме, бидејќи мислам дека навистина вреди“,
рече Мацинка на заедничката прес-конференција со Муцунски.
Шефот на чешката дипломаија додаде дека Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес за отстранување на последните пречки за напредокот на Северна Македонија. Според него, ЕУ треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на земјава за членство, но и направените отстапки во минатото.
„Прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе не е билатерално, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално. Повеќе не е прашање само на две земји, туку мултилатерално и прашање на договор, при што мора да биде постигнат консензус. Чешка е на став дека не сакаме да го менуваме системот така што некои прашања би се решавале со квалификувано мнозинство, ниту сакаме да го намалуваме бројот на прашањата за кои е потребна едногласност. Затоа велиме дека е неопходен консензус“,
изјави Мацинка.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека земјава е подготвена да разговара за изнаоѓање решение за спорот со Бугарија, но дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори, ниту услов за напредокот кон ЕУ.

Вели дека од формирањето на владата се води дијалог со претставници на европските институции и со сите земји членки на Европската Унија, вклучително и со Бугарија, со цел изнаоѓање решение.
„Не бараме привилегиран третман, туку фер и европски процес. Подготвени сме ја да завршиме својата работа, да ги спроведеме реформите и да ги исполниме европските стандарди, но очекуваме напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Кога една држава ги исполнува своите обврски, Европската Унија мора да биде подготвена да го препознае тоа и соодветно да реагира“,
рече Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија е на став дека нема дилема оти треба да се најде соодветно решение, но дека тоа мора да обезбеди предвидлив пат кон членството во ЕУ.
