Од друга страна, канадскиот премиер Марк Карни изјави дека е постигнат значителен напредок во преговорите меѓу двете држави, иако, како што додава, сè уште има важни работи што треба да се направат
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа соопшти дека ги одложува на три дена новите царини од 50 отсто кон Канада, кои требаше да стапат во сила ноќеска на полноќ, наведувајќи дека двете земји постигнале договор, пренесе Ројтерс.

Еден час по објавата на Трамп на социјалните мрежи, канадскиот премиер Марк Карни изјави дека е постигнат значителен напредок во преговорите меѓу двете држави, иако, како што додава, сè уште има важни работи што треба да се направат.
Инаку, американскиот претседател во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) наведе дека ги паузира царините врз основа на тоа што Канада и Соединетите Американски Држави (САД) постигнале договор, но оти сè уште претстои финализација на документите.
Објавата на Трамп уследи по разговорите што тој и канадскиот премиер ги имаа во текот на вчерашниот ден, откако американски и канадски преставници интензивно преговараа за трговските прашања во последните денови.
„Додека продолжуваме со оваа работа, Канада останува фокусирана на градење посилна, понезависна и поконкуретна економија дома“,
вели Карни во дел од изјавата што ја пренесува Ројтерс.
Засега нема детали, ниту, пак, е потврдена содржината на наводниот договор меѓу САД и Канада, за кој пишува Трамп во објавата.
Од канцеларијата на трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, соопштија дека договорот ќе вклучува „сеопфатен пристап до пазарот за сите американски стоки, обврски за економска безбедност, усогласување на дигиталната трговија“ и други одредби.
Во соопштение објавено на веб-страницата на Белата куќа, се наведува дека американскиот претседател добил ветување од Канада дека Отава ќе се погрижи да ги отстрани трговските пречки што предизвикуваат загриженост кај САД, а кои се поврзани со давачките за млечни производи, алкохолни пијалаци и моторни возила.
Инаку, како што беше предвидено, новите американски царини врз Канада требаше да опфатат увоз во вредност од околу 20 милијарди долари. Тие би се применувале без оглед на тоа дали канадските стоки се квалификуваат за преференцијален третман според трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада, кој ја штити канадската индустрија од претходните американски царини.
Дополнително Трамп во својата објава на социјалните мрежи најавува „оживување“ на гасоводот „Кистоун Икс-ел“ (Keystone XL), кој беше откажан од поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, поради противењето на домородните жители и еколошките активисти. Сепак, американскиот претседател не наведе повеќе детали во врска со овој проект.
Како што потсетува Ројтерс, Трамп ги направи царините централен столб на неговата надворешна и трговска политика и покрај правните пречки и критиките од некои аналитичари.
Трговските експерти и индустриските претставници претходно изјавија дека новите тарифи би можеле да доведат до губење работни места и затворање бизниси во ранливите сектори во Канада, вклучувајќи ги индустриите за дрва, вино и млечни производи.
