Бидејќи станува збор за материјали со кратко време на распаѓање, кои не трпат долг транспорт, од институцијата е побарано веднаш да обезбеди алтернативен извор на средства од некоја од соседните земји, како Бугарија или Турција

ПЕТ-скенот, кој не е во функција повеќе од еден месец, не е расипан, туку проблемот е во циклотронот – машината која го произведува неопходното средство за вршење на овие прегледи, појасни министерот за здравство Сашо Клековски во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Според него, дефектот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и специфичен проблем со масло кое се наоѓа под рестриктивен режим.
„Резултатот на дефектот во циклотронот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и е проблем со масло кое е во рестриктивен режим. Што значи тоа? Збориме за нуклеарна медицина, значи не зборуваме за обични прегледи. Потребно е долго време да се набави“,
рече министерот.
Клековски објасни дека потребните суровини ги има во две земји од каде што може да се набават – САД и Белгија.
„Потребно е да се добијат извозни дозволи. Во моментот и лично министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски е ангажиран во комуникација со Брисел за што побрзо да го обезбеди тоа од Белгија, бидејќи од Америка ќе биде малку потешко“,
додаде тој.
Бидејќи станува збор за материјали со кратко време на распаѓање, кои не трпат долг транспорт, од институцијата е побарано веднаш да обезбеди алтернативен извор на средства од некоја од соседните земји, како Бугарија или Турција.
Здравствените власти планираат набавката да се реализира преку непосредна спогодба наместо долготраен тендер, со цел да се заштеди време за онколошките пациенти.
„Станува збор за животнозагрозувачка состојба и поради природата на материјалите, тие се со кратко време на распаѓање, не трпат долг транспорт. Значи, можеме само од некоја од соседните земји да увеземе. Мислам дека многу наскоро ќе можам да објавам кога ќе почнеме повторно со скенирањето“,
кажа тој.
Клековски потсети дека минатата година, со подобрена организација, со ПЕТ-скенот биле снимени 2 705 пациенти, што е скок во споредба со претходните години кога таа бројка се движела од 1 800 до 2 200. Сепак, тој призна дека актуелниот прекин веќе ги нарушува постигнатите стандарди.
Дополнително, министерот напомена дека ПЕТ-скенот не е единствената дијагностичка метода за следење на состојбата на пациентите. На располагање во моментов се и другите стандардни методи, како што се магнетната резонанца и скенот на коски.
Доколку за еден или два дена институцијата нема решение, рече дека ќе се пристапи кон други мерки.
