Шефот на дипломатијата на денешната прес-конференција беше прашан и за кандидатот за амбасадор во Атина, за кој се појавија информации дека не ги исполнува условите, но Муцунски рече оти не може да го коментира бидејќи постапката за него е во фаза од доверлив карактер, односно е класифициран податок со степен на тајност
Ефремов, пак, кој е кариерен дипломат со повеќе од 20 години искуство во Министерството за надворешни работи, ќе го пополни амбасадорското место што остана испразнето по завршувањето на мандатот на Агнеза Руси-Поповска во мај оваа година
Дипломатот од кариера Крум Ефремов ќе биде нов амбасадор на земјава во Бугарија и во тек се подготовките за негово заминување во Софија, потврди шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција.

Од друга страна, министерот за надворешни работи и надворешна трговија рече оти не може да го коментира името на кандидатот за нов амбасадор во Атина, бидејќи постапката за него е во фаза од доверлив карактер, односно е класифициран податок со степен на тајност.
Инаку, Муцунски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за пополнување на испразнетото амбасадорско место во Софија, како и за информациите што се појавија во јавноста дека кандидатот за амбасадор во Грција не ги исполнува критериумите за функцијата.
Шефот на дипломатијата во одговорот првин се осврна општо на постапката за именување на амбасадори, притоа посочувајќи на измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи што ги донесе Собранието на предлог на актуелната влада.
„Со измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи, предложени од оваа влада, ја гарантиравме застапеноста на професионалните дипломати како шефови на дипломатско-конзуларни претставништва со еден зголемен праг. Со измените и дополнувањата најмалку 50 проценти од нашите амбасадори и генерални конзули мора да биат професионални дипломати од Министерството за надворешни работи. Праксата покажала дека предлозите што ги имаме пуштено од моментот кога ние ја имавме формирано владата, над 60 отсто од кандидатите за генерални конзули и амбасадори се професионални дипломати. Значи, не само што се почитува законското решение, туку одиме и над минимумот што ние го поставивме на таков висок праг“,
рече Муцунски.
Во однос на постапката за именување амбасадори и генерални конзули, тој посочи дека таа во одредена фаза е класифицирана и не смее да коментира за имиња, но кога станува збор за амбасадорот во Софија, постапката во врска со него веќе не е калсифициран податок и може јавно да сподели дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде Крум Ефремов.
Тој за Ефремов рече дека е професионален дипломат, оценувајќи го како еден од поквалитетните, кој е актуелен директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи, а веќе служел како наш амбасадор во Украина.
„И тој ќе биде наш амбасадор во Софија. Во моментов течат подготовките за негово заминување во Софија“,
кажа Муцунски.
По прашањето за амбасадор во Атина, министерот рече дека не може да коментира, бидејќи доколку се впушти во такво нешто, ќе стори кривично дело.
„Не би можел да коментирам бидејќи постапката е сè уште во фаза каде што е класифицирана и доколку би коментирал, би направил кривично дело. Јас знам дека сте љубопитни, ја ценам љубопотноста на медиумите, таа е нормална и таа е очекувана, но за жал постапката е сè уште во фаза каде што не можам да го коментирам името на кандидатот за амбасадор за Атина“,
изјави шефот на македонската дипломатија.

Ефремов, пак, кој е кариерен дипломат со повеќе од 20 години искуство во Министерството за надворешни работи, ќе го пополни амбасадорското место што остана испразнето по завршувањето на мандатот на Агнеза Руси-Поповска во мај оваа година. Со неговото заминување во Софија, непополнети остануваат уште десетина амбасадорски позиции од вкупно 59 дипломатски претставништва, колку што има земјава во странство.
Инаку, Ефремов амбасадорската функција во Софија ја презема во период кога се прават обиди за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија и за деблокирање на патот на земјава кон Европската Унија.
Шефот на диппломатијата, одговарајќи на новинарско прашање дали има напредок во разговорите за надминување на спорот со Бугарија, рече дека дијалогот постојано се одвива и дека тој постои од моментот кога е формирана оваа влада.
„Имало периоди кога бил поинтензивен и периоди кога бил помалку интензивен, но нема момент кога не сме разговарале за изнаоѓање праведно и одржливо решение во рамките на позициите што ги имаме“,
изјави тој.
Прашан дали има сигнали од Софија за можни отстапки и дали македонската страна е подготвена на компромиси, Муцунски истакна дека црвените линии остануваат непроменети.
„Црвените линии на нашата држава се поврзани со нашиот идентитет, јазик, култура и историја. Тоа се позициите што ги претставуваме во сите разговори што ги водиме. Не е праведно нашите пристапни преговори со ЕУ постојано да се блокираат поради прашања поврзани со идентитетот, јазикот, културата и историјата“,
рече министерот.
Тој додаде дека земјава очекува гаранции од европските институции, почитување на принципот на реципроцитет во делот на човековите права и решение што ќе обезбеди заштита на националните позиции.
Изминатите недели, како што кажа тој, немало поконкретни разговори поради летните одмори во земјите членки на Европската Унија и во европските институции, но очекува во наредниот период тие да се интензивираат.
