Дипломатите во рамките на Амбасадорскиот совет ќе имаат директен дијалог со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тоа, според шефот на дипломатијата, испраќа важна порака дека кога станува збор за стратешките интереси на земјава, потребни ни се, како што кажа, институционална координација, јасни позиции и сериозен државен пристап
Во фокусот на разговорите на Амбасадорскиот совет, како што најави шефот на дипломатијата, ќе бидат европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење
На состанокот ќе се разговара за економската дипломатија, како и за модернизација и дигитализација на конзуларните претставништва, подобра институционална координација и поблиска комуникација со дијаспората
Шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во светот в четврток и в петок ќе се соберат во Скопје во рамките на Амабасадорскиот совет, кој по повеќе години повтроно ќе се одржи во земјава, информира на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Најавувајќи го одржувањето на Советот, шефот на дипломатијата соопшти дека од утре во официјална посета на државата ќе биде вицепремиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка. Покрај разговорите со својот домаќин за продлабочување на билатералните односи, европската перспектива на Македонија, економската соработка и актуелните реагионални и меѓународни прашања, Мацинка ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет.
Како што посочи Муцунски, ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во државата со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство.
Советот, рече ресорниот министер, е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Во тој контекст, Муцунски наведе дека целта на дводневниот состанок е да се направи пресек на сработеното, да се усогласат позициите и пред сè да се постават конкретни задачи за периодот што следува.
Во фокусот на разговорите на Амбасадорскиот совет, како што најави шефот на дипломатијата, ќе бидат европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење.
Но, како што додаде Муцунски, на состанокот нема само да се анализира што се случува во светот, туку ќе се утврди што тие промени значат за државава, како влијаат вбрз нашите интереси и што конкретно се очекува од секое наше дипломатско-конзуларно претставништво.
„Живееме во време на длабоки геополитички промени, старите претпоставки се менуваат, безбедносните предизвици се зголемуваат, а меѓународните односи стануваат сè покомплексни. Во таков свет дипломатијата не смее да биде пасивна. Потребна ни е дипломатија која предвидува, која реагира навремено, која гради партнерства и која одлучно ги штити националните интереси“,
рече Муцунски.
Дипломатите во рамките на советот ќе имаат директен дијалог со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тоа, според шефот на дипломатијата, испраќа важна порака дека кога станува збор за стратешките интереси на земјава, потребни ни се, како што кажа, институционална координација, јасни позиции и сериозен државен пристап.
Европската интеграција, како што наведе Муцунски, останува еден од централните стратешки интереси на земјава.
„Нашата дипломатска мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери, да бараме фер и предвидлив европски процес заснован на резултати, европски вредности и взаемна почит“,
кажа тој.
Еден од главните фокуси на годишниот совет ќе биде и економската дипломатија бидејќи, како што кажа Муцунски, современата дипломатија не завршува само со политички дијалог.
„Мојата порака до нашите амбасадори и генерални конзули е едноставна – секој од нив мора да биде и економски промотор на нашата држава. Повеќе инвестиции, поголем извоз, нови деловни контакти и нови пазари за македонските компании, тоа мора да биде мерлив дел од работата на на нашите претставништва. Нашите амбасади треба да ги отвораат вратите за македонските компании и добрите политички односи да ги претвораат во конкретни економски можности за нашата земја. Но, во центарот на нашата работа мора секогаш да бидат граѓаните. Дипломатијата има смисла само кога создава конкретна вредност за државата и за луѓето на кои им служи“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

На состанокот ќе се разговара и за модернизација и дигитализација на конзуларните претставништва, подобра институционална координација и поблиска комуникација со нашата дијаспора. Целта, вели тој, е едноставна – македонскиот граѓанин, каде и да се наоѓа, да знае дека неговата држава е таму кога му е потребна.
„Истовремено ќе ги слушнеме и нашите амбасадори и генерални конзули, тие најдобро ги познаваат предизвиците на теренот. Сакам отоврено да разговараме за тоа што функционира, она што мораме да го подобриме и што е потребно нашата дипломатска мрежа да биде уште поефикасна, попрофесионална и подобро подготвена“,
додаде Муцунски.
Од дипломатската мрежа, како што посочи тој, се очекуваат три суштински работи – да ги штити националните интереси, да отвора економски можности за нашата држава и да им служи на македонските граѓани.
В четврток и в петок, додаде Муцунски, овие принципи ќе бидат преточени во конкретни задачи, подобра координација и мерливи резултати, затоа што, како што кажа, силната дипломатија не се мери според бројот на средби, посетени престолнини или потпишани документи, туку според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради, можностите што ги отвора и резултатите што ги создава за својата држава и за своите граѓани.
Одговарајќи на новинарско прашање колку амбасадори ќе присустуваат на советот и конкренто кои задачи ќе им бидат делегирани, Муцунски рече дека Македонија има 59 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои во моментов не се именувани амбасадори или генерални конзули за околу десетина.
Во однос на агендата тој се осврна на претходно кажаното, додавајќи дека она што е значајно е што првпат по 2019 година ќе се одржи Амбасадорски совет со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, што, според него, треба да биде алатка што ќе се користи секоја година.
