Поблиската и подолга интеракција со луѓето кои не живеат заедно го зголемува ризикот. Колку повеќе поединец комуницира со луѓе со кои не живее и колку е поблиска и подолга секоја интеракција, толку е поголем ризикот да се заразат со вирусот ковид-19, се вели во правилата за однесување на плажа што ги објави Институтот за јавно здравје, пред претстојните летни одмори.
Притоа ризикот од ширење на вирусот на плажа се претставува на три нивоа – од најниско, повисоко и највисоко ниво на ризик.
Најнизок ризик имаат вработените и посетителите на плажа кои се на најмалку 6 метри оддалеченост од луѓето со кои не живеат. Притоа, тие не не делат храна, опрема, играчки или материјали со луѓе со кои не живеат.
Повеќе ризик за зараза имаат персоналот и посетителите на плажа кои се доближуваат на помалку од 6 метри од луѓето со кои не живеат, но се од ист град или област и притоа делумно споделуваат храна, опрема, играчки или материјали со соседот.
На највисок ризик од зараза се изложени посетителите и персоналот кои се на помало растојание од 6 метри од луѓето кои се од друг град или област и притоа слободно споделуваат храна, опрема, играчки или материјали со други, дури и со луѓе што не ги познаваат.
Исто така, во правилата има повеќе мерки кои менаџерите треба да ги применат и во однос на посетителите или на персоналот: изолација на персоналот и посетителите доколку имаат симптоми на ковид-19, им е дијагностицирана болеста или чекаат резултати од тестирање и самоизолација на персоналот и посетителите кои биле изложени на некој со ковид-19.
Од Институтот препорачуваат во вода да се одржува социјална дистанца, а на плажа да се носат покривки за лице кога дистанцата не може да се одржи. На сопствениците на плажите им се препорачува лежалките, чадорите, веслата, кајаците и перките за пливање кои треба да се исчистат и дезинфицираат, да се чуваат одвоени од веќе исчистените и дезинфицираните предмети. Персоналот и посетителите на плажите не треба да споделуваат предмети што тешко се чистат, санираат или дезинфицираат како очила, храна, опрема, играчки и матеирјали со оние со кои не живеат.
Се препорачува да се ограничи употребата на бањите, а персоналот и посетителите на плажа да го делат превозот и транспортот само со луѓе во нивното домаќинство. На плажите треба да има препораки за миење на рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди, да се користат средства за дезинфекција на раце со најмалку 60 проценти алкохол, да се постават канти за ѓубре без допир и со капак, да се постават преносни станици за миење раце, за да се мотивираат посетителите и персоналот на плажа да ги мијат рацете.
,,Препорачајте им на персоналот и посетителите на плажа да се покриваат при кашлање, со марамче или да ја користат внатрешноста на лактот, искористеното марамче да го фрлаат во ѓубре и да ги мијат рацете веднаш со сапун и вода најмалку 20 секунди. Користете распрскувач за раце што содржи најмалку 60% алкохол, доколку сапун и вода не се достапни”,
се вели во правилата од ИЈЗ.
