„Санкциите на ЕУ веќе скапо ја чинеа Русија, лишувајќи ја нејзината воена машинерија од повеќе од трилион евра. Наесен ќе предложам најсеопфатен пакет санкции од почетокот на војната. Доколку биде усвоен, бројот на санкционирани руски поединци, компании и организации ќе се зголеми за една третина“, најави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека Брисел има намера значително да ги прошири санкциите против Русија во наредните месеци.

„Санкциите на Европската Унија веќе скапо ја чинеа Русија, лишувајќи ја нејзината воена машинерија од повеќе од трилион евра. Наесен ќе предложам најсеопфатен пакет санкции од почетокот на војната. Доколку биде усвоен, бројот на санкционирани руски поединци, компании и организации веднаш ќе се зголеми за една третина“,
изјави Калас за германскиот весник „Ди Велт“.
Високата претставничка на ЕУ е децидна дека притисокот врз Москва мора да продолжи да се зголемува сè додека Русија не ја заврши војната која ја започна врз Украина во февруари 2022 година.
„Јули беше најсмртоносниот месец за украинските цивили. Русија сè повеќе ги таргетира украинските цивили и инфраструктура, што е систематски терор“,
додаде Калас.
Во јули годинава ЕУ го одобри најновиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина, воведувајќи ограничувања за банкарскиот сектор и мрежите поврзани со криптовалутите.
