Повикувајќи се на информации од свои извори, од партијата прашуваат дали е точно дека просветните инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев, кои ги нарекоа „инспектори од доверба“ на ВМРО-ДПМНЕ, вршат притисок на директори на училишта да поднесат оставка или да се откажат од функцијата пред истекот на нивниот мандат. Ваква постапка, според СДСМ, меѓу другото, се врши и во средното училиште „Панче Арсовски“ во Скопје
Опозицискиот СДСМ обвини дека двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат изминатиов период вршат хајка кон директори на училишта кои не се партиски послушници, спроведувајќи вонредни инспекциски надзори по претставки со слична или идентична содржина.

Повикувајќи се на информации од свои извори, од партијата прашуваат дали е точно дека просветните инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев, кои ги нарекоа „инспектори од доверба“ на ВМРО-ДПМНЕ, вршат притисок на директори на училишта да поднесат оставка или да се откажат од функцијата пред истекот на нивниот мандат.
„Дали власта на Мицкоски врши политичка операција за чистење на кадри, неподобни директори и поставување на партиски послушници. Дали инспекцискиот надзор е претворен во механизам за смена на неподобни директори. Затоа ли овие двајца инспектори се појавуваат во речиси сите инспекциски надзори, а истовремено се и кадровски унапредувани и или наградувани. Очигледно Наскова и Илиев се ‘инспектори од доверба’ на ВМРО, за специјална намена. Инспектори кои се користат за однапред зададена политичка задача“,
рече Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ на денешната прес-конференција.
Ваква постапка, според СДСМ, се одвива и во СУГС„Панче Арсовски“ во Скопје, каде што постапуваат овие инспектори. Истовремено, додаваат од партијата, има директори кои ги оспориле решенијата за разрешување.
„Дел од постапките се пред второстепени органи, а има и случаи во кои Управниот суд интервенирал и ја вратил постапката на повторно одлучување, како и случаи со мериторни одлуки во корист на разрешени директори. СДСМ не е против инспекцискиот надзор, но се противи да биде злоупотребен овој механизам како средство за реваншизам и поставување на партиски подобни директори“,
додава Манасков.
Опозиционерите бараат проверка на постапувањето на просветните инспектори, на критериумите за нивните кадровски унапредувања или дополнителните надоместоци, на начинот на распределба на предметите и наводите за притисоци врз директори.
