Јас го разбирам револтот на човекот којшто претрпел голема загуба бидејќи изгорела неговата штала во која чувал поголема количина тутун, но неговото однесување не помогнало да се надмине ситуацијата, вели Ангелов

Двајца пожарникари вчера биле нападнати при интервенција во близина на Прилеп, објави денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој вели дека пожарникарите, со помало противпожарно возило, биле првите што пристигнале да гаснат запалена штала, полна со тутун, но, како што тврди Ангелов, тие биле нападнати од сопственикот.
„Сопственикот нервозно се приближил до нив и со буткање во пределот на градите ги отстранувал и ги спречувал да продолжат со гаснење. Од страна на пожарникарите, инцидентот денеска е пријавен во полиција и се работи на негово расветлување“,
соопшти Ангелов.
Граѓаните да имаат предвид дека пожарникарите не се „супермени“, вели Ангелов, и додава дека ним им треба време за да стигнат на позиција каде што гори, а се случува и екипите да се „расфрлани“ на различни места поради истовремени пожари на иста територија, што доведува до тоа некогаш, во почетниот одговор, да има помалку пожарникари.
„Токму затоа ги повикуваме граѓаните, онаму каде што можат да им помагаат на пожарникарите, а не да ги напаѓаат, навредуваат и да им се закануваат. Јас го разбирам револтот на човекот којшто претрпел голема загуба бидејќи изгорела неговата штала во којашто чувал поголема количина на тутун, но неговото однесување не помогнало да се надмине ситуацијата. Доколку не дејствувал нервозно, можеби штетата ќе била помала. Апел до граѓаните – почитувајте ги пожарникарите, дајте им поддршка и помогнете доколку можете“,
кажа Ангелов.
