Не очекувавме на Вилма Рускоска и Добрила Кацарска да им се допаднат спотовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја отсликуваат вистината, исто како што на Македонија не ѝ се допаѓа тоа што во државата се амнестира криминалот, велат од опозициската партија.
Нивната реакција доаѓа откако обвинителката Вилма Русковска и судијката Добрила Кацарска реагираа на спотовите во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ каде се споменуваат нивните имиња.
„Очигледно Вилма Рускоска и Добрила Кацарска освен тоа што не реагираат за криминалот во државата, се чини дека стануваат и адвокати на Зоран Заев. Сигурни сме дека јавноста има уште една шанса на дело да ја види нивната улога, овојпат како цензор на СДСМ против кампањата на ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од партијата.
За спотот каде е прикажана мајка како чита приказна пред спиење на своето дете и споменува име „Вилма“, која дава можност политичарите да одберат обвинение за своите противници, од партијата велат дека „сите совпаѓања се случајни, освен оние кои не се“.
„А, второто видео за кое реагираат Вилма Русковска и Кацарска, ја отсликува жалната реалност дека Русковска и Кацарска станаа синоним за неправдите на Зоран Заев и Луј Витон правниот систем во Република Македонија. Истиот тој систем овозможува неказнивост на криминалот, а тоа ќе се реформира по 15 јули“,
велат од партијата.
За спотовите, обвинителката Русковска испратила опомена пред тужба до ВМРО-ДПМНЕ, а судијката Кацарска рече дека се злоупотребуваат парите на граѓаните бидејќи тоа се пари кои партиите ги добиваат за претставување на програмите, а таа не е кандидат за пратеник. Кацарска потсети и дека нејзината работа е поздравена од меѓународната заедница, па порача дека Мицкоски со вакви спотови покажува дека не е за борба против криминалот и корупцијата.
*Поврзани вести:
„Дојче веле“: Русковска до ВМРО-ДПМНЕ доставила опомена пред тужба за клевета
И Кацарска реагира на спотовите на ВМРО-ДПМНЕ: Се злоупотребуваат парите на граѓаните