Според него, овие состојби не треба да се повторуваат секоја година, туку треба да се надминуваат со системски решенија за кои од октомври повторно ќе се направат состаноци со сите засегнати страни

Прва класа од пиперката ајварка од утре ќе се откупува по повисока откупна цена, и тоа за 40 денари. Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски по средбата со производителите, откупувачите и преработувачите во Струмица. Средбата дојде откако производителите на пиперката ајварка од Струмичко во изминатите денови протестираа поради ниската откупна цена од 25 денари за прва класа.
Серафимовски додаде и дека ајварката што е меѓу прва и втора класа и за индустриски капацитети ќе се откупува за 30 денари, и за тие што се шкарт ќе се плаќа по 15 денари.
Тој апелира до преработувачите во наредниот период да се придржуваат до обврските од нивна страна за вистинско класифицирање на пиперката и од страна на откупувачите и добивање на точната информација за квалитетот на пиперката.
„Воедно апелирам и до земјоделците својот род да го предадат во откупните центри според класификациите кои ги имат дадено и пиперката согласно таа класификација да биде понудена и да ја добијат цената којашто ја очекуваат. Земјоделците заслужуваат својот труд кој го имаат вложено да им биде евалуиран и истиот да го наплатат по завршувањето на бербата, односно по завршување на сезоната и не само за пиперката, туку и за сите останати култури“,
кажа Серафимовски.
Според него, овие состојби не треба да се повторуваат секоја година, туку треба да се надминуваат со системски решенија за кои од октомври повторно ќе се направат состаноци со сите засегнати страни. Рече дека ќе се бара решение во делот на законите и подзаконските акти како што се вистинска класификација на пиперката согласно методологијата, потоа рокови за исплата на предаденото во откупните центри и преработувачките капацитети и сето она што ги засега земјоделците за да имаат сигурност во производството.
„Тука сакам да го истакнам и планираното производство и пласман. Многу е важно да имаме планирано производство кое земјоделците ќе мора да го договараат преку договори согласно Законот за земјоделство и рурален развој, каде што ќе предвидуваат површини кои ќе бидат посадени и, нормално, количини кои ги очекуваат“,
рече Серафимовски.
Според Илија Василев, производител на ајварка, може да се каже дека откупните цени можат да бидат и повисоки, но и овие цени се реални.
„Најважно е да се задржат овие цени и понатаму да нема осцилации, и мислам дека со тоа ќе бидат задоволни и земјоделците“,
рече Василев.
На новинарско прашање за неисплатените субвенции за 2025 година и кога тие ќе бидат исплатени, министерот рече дека со ребалансот на Буџетот се издвоени една милијарда и двесте милиони денари и на првата владина седница на 18 август ќе бидат усвоени.
„Веќе од 20 август од страна на Агенцијата за финансиска поддршка ќе се подготват налозите за плаќање на субвенциите за крави грло добиток и за житни култури и ќе бидат исплатени целосно до крајот на август“,
одговори Серафимовски.
Инаку, струмичките земјоделци вчера излегоа на протест револтирани од ниската откупна цена од 25 денари од килограм за пиперката од сортата „куртовска капија“, со кои велат дека не можат да ги покријат ниту трошоците.
