„Кој дозволил ваква дива депонија да се создава во близина на изворот од кој се снабдува една четвртина од граѓаните во државата? Ова е директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните“, велат од партијата

Нова закана за чиста вода за пиење се случува овде во заштитеното еколошко подрачје на Рашче, алармира денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција.
Тој рече дека се создава дива депонија во заштитеното еколошко подрачје во близина на изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува главниот град и околу 25 отсто од населението во државата.
„Страшно е тоа што го гледаме тука на терен. За оваа катастрофа, не му треба на ВМРО и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дрон – еве каква е состојбата… катастрофа! Тотален хаос“,
рече Димитријевиќ.
Од опозициската партија обвинуваат дека ова претставува директна закана за здравјето на граѓаните и за квалитетот на земјоделските производи од тој регион.
„Кој дозволил ваква дива депонија да се создава во близина на изворот од кој се снабдува една четвртина од граѓаните во државата? Ова е директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните“,
изјави Димитријевиќ.
Од СДСМ посочија дека повеќе од еден месец над 50 населени места, вклучително и Гостивар, се соочуваат со небезбедна и загадена вода за пиење.
Димитријевиќ упати прашања до Владата и локалните власти кој го дозволува овој еколошки геноцид и кој гарантира дека водата за пиење во Скопје е моментално безбедна.
„Не смее да се чека да се случи нова уште поголема катастрофа. Кој го штити изворот Рашче? Кој ќе гарантира дека водата е безбедна? И кој ќе понесе одговорност? Граѓаните имаат право на чиста и безбедна вода“,
праша Димитријевиќ.
Од партијата порачаа дека граѓаните имаат основно право на чиста вода и побараа реакција од институциите за да се спречи поголема катастрофа.
„Не може цела Македонија да биде заложник на неспособноста и неодговорноста на ВМРО“,
додаде тој.
