Знамето на Украина, кое четири години стоеше во центарот на Приштина како симбол на солидарност поради руската инвазија, денеска е отстрането. Потегот доаѓа еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белград изјави дека Киев не ја променил позицијата за непризнавање на независноста на Косово
Снимки од отстранувањето на знамето се појавија на социјалните мрежи, а за таквиот чекор информираа и косовските медиуми, без да прецизираат кој ја донел таквата одлуката и дали е директно поврзана со изјавата на Зеленски.

Знамето беше поставено во центарот на Приштина по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Приштина застана со Украина и воведе санкции кон Русија и покарј фактот дека официјален Киев не ја признава независноста на Косово.
За време на вчерашната прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Зеленски беше прашан за односот на Украина кон Косово.
„Ние го почитуваме територијалниот интегритет на нашите партнери, тоа е меѓународното право и тоа е нашата позиција во врска со еднострано прогласената независност на Косово. Тоа секогаш сме го истакнувале и политиката на Украина не е променета“,
рече Зеленски.

Позицијата на Киев Зеленски ја поврза и со поддршката на Србија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вклучувајќи го и Крим кој е дел од неколкуте украибски области кои Русија ги анектираше.
Изјавата предизвика негативни реакции во Приштина. Поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли настапот на Зеленски го оцени како длабоко разочарувачки, потсетувајќи на поддршката што Косово и ја дава на Украина од стартот на руската агресија.
Денеска реагираше и Министерство за Европа и надворешни работи на Албанија.

„Не би требало да има недоразбирања во врска со ова прашање: -секој обид да се повлече паралела или да се стави знак на еднаквост меѓу Косово и која било друга меѓународна ситуација е погрешен, опортунистички и длабоко заблудувачки“,
соопшти албанското министерство.
