Коментарот на Јошевска-Анастасовска следува откако Уставниот суд вчера ги алармираше Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“

Одлуката на Уставниот суд допира и прашања на можен институционален притисок, вели Сузана Јошевска-Анастасовска, членка на Судскиот совет, на чија адреса судот извести дека не се почитува негова одлука.
За потсетување, Уставниот суд вчера ги алармираше Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“. Притоа, оттаму напоменаа дека конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат.
Од друга страна, пак, граѓанскиот судија се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка и навел дека одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ. Но, од Уставен тврдат дека ваквите случаи треба да се разгледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, а велат и дека Основниот граѓански суд веќе имал воспоставено пракса да се земаат предвид нивните одлуки кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.
За Јошевска-Анастасовска потегот на Уставен е потенцијално загрижувачки преседан.
„Испраќањето одлука на Уставниот суд до Судскиот совет ‘за понатамошно постапување’, во која толкување на процесен закон од страна на редовен судија, во сè уште незавршена постапка, се квалификува како ‘неизвршување на одлука на Уставен суд’, со имплицирање на кривична одговорност, според мое лично мислење, отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност. Би рекла дека допира и прашања на можен институционален притисок. Не се работи за конкретен предмет и за конкретен судија туку на воспоставување на потенцијално загрижувачки преседан. Дотолку повеќе што непрецизната формулација ‘за понатамошно постапување’ и тоа во нејзиниот задолжителен диспозитив создава дилема дали е избран правно адекватен модел на институционална комуникација меѓу овие два уставни органи“,
објави на Фејсбук Јошевска-Анастасовска и посочи дека изнесува личен став.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година.
Подносителката, како акредитиран новинар на телевизијата 24 Вести, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, тврди дека била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, како и дека притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.
„Уставниот суд оцени дека Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако истите биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд. Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат. Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд“,
наведоа од Уставен.
Судскиот Совет и Обвинителството сега се на крстопат, анализира ТВ Телма. Од една страна е правото на слобода на изразување и загрозеност на новинарите утврдено со одлука на Уставен суд чии одлуки мора да се применат, од друга страна судијата има право на независно одлучување, и се повикал на закон кога одбил како нов доказ да ја бара правдата за новинарите кои ризикуваа на 27 април.
