Од српската Демократска партија посочуваат дека Србите во регионот не се политичко оружје на Александар Вучиќ или стока со која тој може да тргува за да опстане на власт

Српската Демократска партија соопшти дека најостро го осудува „вулгарниот и агресивен напад“ на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Ова е втора реакција од Србија, откако претходно денеска и претседателот на опозициската Лига на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), Бојан Костреш, ги осуди навредите упатени кон Филипче.
Реакциите доаѓаат откако прво порталот „expres.mk“ објави реакција на „Регионалниот одбор Куманово на српската заедница во Македонија“ против Филипче. Во текстот се користат зборовите „политичка бљувотино“, „духовен изроду“ итн. Потоа, реакцијата на Фејсбук ја сподели и претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и актуелен министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, кој ги повика припадниците на српската заедница „да не паѓаат на нивото на од злото распаднатата СДСМ дружина, предводена од политичкиот дунстер Венко Филипче“.
Од српската Демократска партија велат дека нападот на кој е изложен Филипче не е одбрана на српските интереси, туку обид за политичко насилство на Вучиќ, за кого тврдат дека се обидува говорот на омраза што го нормализирал во Србија, да го извезе и надвор од нејзините граници.
„Несомнено е дека станува збор за нарачан текст, поддржан од режимот на Александар Вучиќ. Под лажниот изговор за заштита на Србите во Северна Македонија, тој се обидува да го заштити својот сојузник Иван Стоилковиќ, а во исто време да се справи со Филипче и СДСМ“,
велат оттаму.
Тие сметаат дека Вучиќ се обидува да се претстави како заштитник и неопходен претставник на Србите во регионот, во време кога е сè поизбегнуван и кога блискоста со него се доживува како непријатност, срам и штета.
„Затоа го прави единственото нешто што го знае: со пари, корупција и притисоци, присвојува одредени политичари во регионот, кои потоа во негово име и со неговиот речник шират омраза, создаваат конфликти и ја нарушуваат позицијата на српските заедници“,
се вели во партиската реакција.
Оттаму посочуваат и дека при користењето на името на Србите како покритие за простачки навреди, заплашувања и конфронтации со противниците на Вучиќ, цената на таквата политика не ја плаќа тој, туку токму Србите во регионот.
„Неговата цел е уште побанална. Претставувајќи се пред меѓународната заедница како човек кој наводно ги контролира и претставува Србите во целиот регион, Вучиќ се обидува да тргува со нивната позиција и да измисли употребна вредност за себе, за да купи уште неколку дена на власт во Србија. Во претходните четиринаесет години, Србија беше најлошиот пример за колапс на институциите во регионот и подреденост на државата на интересите на еден човек и неговиот круг. По промената на власта, која ќе се случи многу скоро, таа мора да стане пример за спротивното: за Вучиќ и неговите соучесници мора да се суди во Србија, пред јавноста, во отворена и законска постапка, без можности да избегаат од одговорност под заштита на политички покровители во странство. Таквиот епилог би му покажал на целиот регион дека автократ кој, заради лична моќ и богатење, ги разорува институциите на својата држава, по губењето на власта не добива безбеден излез, туку одговара пред институциите на државата што се обидел да ја потчини. Тоа би претставувало вистинска општествена катарза и една од првите добри практики што Србија, по четиринаесет години, повторно би можела да му ги понуди на регионот“,
велат оттаму.
Од Демократската партија посочуваат дека Србите во регионот не се политичко оружје на Александар Вучиќ или стока со која може да тргува за да опстане на власт.
Инаку, СДСМ континуирано е во костец со Стоилковиќ ,обвинувајќи дека тој е дел од „српскиот свет“ и дека ги брани руските интереси во земја членка на НАТО.
Минатата недела лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на брифинг со новинарите најави дека ќе поднесат интерпелација против Стоилковиќ, за, како што рече тој, насилничко однесување во парламентот поради навреди и пцости упатени кон пратеници на седницата за владина реконструкција, но и за време на паузата.
