Во владејачката ЦДУ летово сè погласни се шпекулациите за можна смена на канцеларот Фридрих Мерц. По изборниот тест на истокот на Германија ќе се решава иднината на Мерц
Иако германскиот канцелар Фридрих Мерц очекува политичките тензии во неговата партија да стивнат по летниот одмор, сè повеќе сигнали од неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) укажуваат дека неговата политичка иднина би можела да зависи од резултатите на септемвриските регионални избори.
Во пресрет на гласањето во неколку германски покраини, каде што крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) има реални шанси првпат да ја преземе власта во една сојузна држава, во редовите на ЦДУ сè поотворено се зборува за можен „kanzlertausch“, фраза која на германски значи замена на канцелар.
Според информации на „Политико“, иако јавната критика кон Мерц главно доаѓа од политичари кои беа сменети при неодамнешната реконструкција на владата, зад сцената расте бројот на функционери на ЦДУ кои сметаат дека партијата ќе мора да размисли за нов лидер доколку претрпи тежок пораз на изборите.
АфД со историска шанса
Анкетите покажуваат дека АфД, која во моментот е најпопуларна партија на национално ниво со околу 28 проценти поддршка, би можела да освои апсолутно мнозинство во покраината Саксонија-Анхалт на изборите закажани за 6 септември. Партијата има силна позиција и во Мекленбург-Западна Померанија, како и во престолнината Берлин, каде што изборите ќе се одржат на 20 септември.
Во ЦДУ постои страв дека евентуален триумф на АфД дополнително ќе го ослаби авторитетот на Мерц, а дел од локалните функционери на конзервативците на истокот од земјата би можеле дури и да поддржат влада предводена од крајната десница, што би било директно кршење на долгогодишното ветување на Мерц, но и на самата ЦДУ, дека нема да дозволи соработка со АфД.
Вуст се споменува како можен наследник
Како најсериозен потенцијален наследник на Мерц се споменува премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст. Германските медиуми веќе пишуваат за ваква можност, а магазинот „Шпигел“ неодамна објави насловна страница – „Дворски бунт“, посветена на внатрепартиските превирања во ЦДУ.

Анонимни извори од конзервативниот блок за „Политико“ потврдуваат дека довербата во лидерските способности на Мерц е во опаѓање и дека исходот од изборите на истокот ќе биде клучен за неговата политичка судбина.
Потег без преседан
Доколку дојде до смена, тоа би било исклучително редок потег во германската политика. Во повоената историја само трипати актуелен канцелар бил заменет од политичар од истиот политички блок – во 1963 година кога Конрад Аденауер му ја препушти функцијата на Лудвиг Ерхард, во 1966 година по распадот на владината коалиција на Ерхард и во 1974 година кога Вили Брант поднесе оставка поради огромниот шпионски скандал.
Политиколозите предупредуваат дека евентуална смена на Мерц би можела сериозно да ја дестабилизира германската политичка сцена, па дури и да доведе до предвремени парламентарни избори.
Сè уште има поддршка
И покрај шпекулациите, Мерц засега ја задржува поддршката од највлијателните личности во конзервативниот блок. Лидерот на баварската ЦСУ и премиер на Баварија, Маркус Зедер, јавно порача дека е уверен оти Мерц ќе остане канцелар.
„Замена на канцеларот би ги фрлила конзервативците во целосен хаос. Тоа би можело дури и да доведе до нови избори, а секој што сега посакува нови избори всушност им помага на радикалите да дојдат на власт“, .
изјави Зедер
Рекордно ниска доверба
Сепак, позицијата на Мерц дополнително ја ослабуваат и личните рејтинзи. Според последното истражување ARD-DeutschlandTrend, само 13 проценти од Германците се задоволни од неговото работење – најнизок резултат за актуелен германски канцелар во речиси три децении откако се спроведува ова истражување. Причина за незадоволството се оценките дека владата не успева да ја заживее германската економија, како и скепсата на јавноста кон најавените реформи во пензискиот и здравствениот систем, кои се очекува да бидат дополнителен финансиски товар за граѓаните.
Иако во ЦДУ засега нема јавно организирана иницијатива за негова смена, исходот од септемвриските избори би можел да биде клучен не само за иднината на партијата, туку и на земјата.
