„Бараме итна и целосна транспарентност: колку работници, колку механизација и колку средства во моментов се ангажирани на Коридорот 10-Д, а колку на Коридорот 8? Кој ја донел одлуката за ваквиот сооднос и врз која основа?“, прашуваат од ДУИ

ДУИ обвинува дека коридорите 8 и 10-Д не се градат сразмерно зашто постои политичка наредба за патот Прилеп-Битола да биде завршен до следните избори.
Оттаму тврдат дека во моментов се работи во сооднос речиси 4 спрема 1 во корист на Коридорот 10-Д.
Иако се работи за ист проект, кој го спроведува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, од ДУИ велат дека механизацијата и работната сила се префрлени, на штета на Коридорот 8.
„Денес Владата практично го менува приоритетот на проектот. Причината? Политичка наредба Коридорот 10-Д да биде завршен до следните избори напролет, за власта да го користи како изборен проект. Ако ова се потврди, станува збор за тежок скандал: пари, работници и механизација од државен проект од милијарди евра се насочуваат според изборниот календар на владејачките партии. Но, прашањето е уште посериозно. Коридорот 8 е стратегиски коридор на НАТО, дел од источнозападното поврзување од Јадранот кон Црното Море и југоисточното крило на Алијансата“,
велат од ДУИ.
Оттаму посочуваат дека секое намерно забавување на овој коридор има последици што одат многу подалеку од домашната политика. Прашуваат кој ја донел одлуката за ваквиот сооднос и врз која основа.
„Дали станува збор само за изборна злоупотреба на проект од милијарди евра, или некој намерно го забавува стратегискиот коридор на НАТО? Кој има корист од слабеењето на Коридорот 8? Во време кога Русија има директен интерес инфраструктурата на НАТО во регионот да се развива што е можно побавно, секоја политичка одлука што го кочи овој проект мора да биде разгледана со максимална сериозност. Бараме итна и целосна транспарентност: колку работници, колку механизација и колку средства во моментов се ангажирани на Коридорот 10Д, а колку на Коридорот 8? Кој ја донел одлуката за ваквиот сооднос и врз која основа? Овие одговори не смеат да се кријат до после изборите“,
велат од партијата на Али Ахмети.
