Според првичните информации, две лица загинаа, а 15 се повредени во пукотниците во училиште во Банкок, главниот град на Тајланд, но според полициски информации веројатно се работи за шест жртви

Сè уште не се знае точната бројка на загинати во нападот со огнено оружје во училиште во Банкок, главниот град на Тајланд, што се случи денеска. Би-би-си јави дека најмалку две лица се убиени и 15 се повредени од кои две се во критична состојба, но полицијата на самото место информирала дека веројатно има шест жртви.
Според првичните информации, пукањето се случило во училиштето „Дебсирин Нонтабури“. Вработените и учениците се евакуирани од објектот по пукањето.

Агенцијата Ројтерс објави дека меѓу жртвите во нападот е и еден наставник, додека, според полициски информации, напаѓачот се самоубил.
Дека напаѓачот е мртов објавија и локалните медиуми, иако за некои од нив не е јасно дали бил застрелан од полицијата или се самоубил.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изрази сочувство за жртвите од пукањето во училиштето.
„Ова е навистина страшно, не требаше да се случи. Не само што ми е жал за жртвите, туку ми е жал што ова се случи. Како може ова да се случи во нашата земја. Еве зошто владата не им дозволува (на граѓаните) да поседуваат огнено оружје“,
изјави тој.

Еден ученик изјави дека мислел оти звукот од истрелите за време на пукањето во училиштето биле петарди или дека некој удира во нешто.
„На почетокот не мислев дека е пиштол. Имаше многу истрели – пукаше, пукаше, пукаше. Потоа замолкна. Потоа почна повторно“,
рече тој.
Учениците бегале од училиштето во обид да си го спасат животот, а вработените биле видно вознемирени додека чекале надвор од училиштето.

Законите за оружје се многу строги во Тајланд. За нелегално поседување огнено оружје може да се доби казна затвор до десет години. Но, земјата сè уште има една од највисоките стапки на поседување оружје кај цивилното население во Југоисточна Азија.
Земјата бележи неколку смртоносни инциденти во последните години. Во февруари директор на училиште и ученичка беа застрелани од 18-годишен вооружен напаѓач за време на опсада на училиште во Јужен Тајланд. Директорот почина во болница следниот ден.
Минатата година пет лица беа убиени во пукање на пазар во Бангкок. Напаѓачот бил ученик во деветто одделение. Учениците во деветто одделение во Тајланд обично имаат околу 14 години.
