Според министерот, погрешна е и примената на субвенциите кои, како што нагласува, не треба да бидат социјална компонента, туку треба да стимулираат раст на производството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски во интервју за МИА обелодени наводи за, како што вели, класични злоупотреби на субвенциите во земјава, преку лажирање на уши маркички од пцовисани грла и прикажување на нереално големо производство.
„Педесетина апликанти претежно од Прилепскиот регион и Кривогаштани на два или 2,5 декари пријавиле производство од 10 и 11 тони тутун. Тоа е невозможно. И кај овците и кај кравите, што се случува? Имаме класична злоупотреба на ушните маркички со кои е обележано секое грло. Грлото угинува, а сопствениците едноставно ја земаат маркичката, ја чуваат и сè уште врз основа на таа маркичка го пријавуваат животното иако е веќе пцовисано, го нема. Во една неофицијална акција што сега ја направивме, се покажа дека на хартија имаме скоро 400 000 овци, а реално се околу 250 до 280 илјади. Се работи за разлика од 100 до 130-140 илјади грла. Тоа се сериозни пари ако се земе предвид што како финансиска поддршка добиваат сопствениците по овца – од приплод, млеко,… Сега со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) размислуваме секое грло да има чип што ќе може да се чита со обичен читач. Дури и со GPS-локатори ќе можеме да ги следиме грлата, ако дојдеме до тој момент“,
вели Серафимовски.
Случаи на злоупотреба, додава, има и кај откупот на млекото.
„Се знае колку може една крава да даде млеко на дневна основа, а ние имаме пријавено многу поголеми количини кои се, практично, нереални. Веднаш го согледуваме тоа дека се работи за нереални бројки. Инаку, сметам дека најважната работа тука, генерално, се контролите. Затоа правиме доекипирање во Инспекторатот за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка, бидејќи тие излегуваат на терен и вршат надзор на она што е пријавено. Само со контроли и директно со санкции можеме да ставиме ред. Тогаш сите ќе бидат свесни. Пред десетина, 15 години, можеби и повеќе, ако некој земјоделец пријавеше несоодветни површини или извршеше злоупотреба на субвенциите, му се забрануваше наредните три години. На тој начин ќе ја елиминираме класичната злоупотреба, зашто секој сака да добие, никој не сака да изгуби. Ова е мое размислување, но сега најпрво сакаме да ги засилиме контролите.“,
вели министерот.
Тој оценува дека ваквата ситуација може да се надмине само со засилени контроли, но апелира и до земјоделците – да бидат максимално одговорни и да го пријавуваат реалното производство.
„Се обидуваме преку Инспекторатот и контролите на Агенцијата за финансиска поддршка да ги откриеме и да направиме еден рез, да ги прекинеме тие неправилности. На тој начин вршат злоупотреба директно на субвенциите. И субвенциите не одат директно кај земјоделецот кој произведува, туку одат кај некој што земал, хипотетички, 100 хектари површина, не ја работи, а ќе ја даде на трето лице да ја обработува. И сега овој има интерес бидејќи сака да работи, а не успеал да земе од различни причини – не исполнувал услови, немал банкарски гаранции (зашто мора да се гарантира за тие површини),… Овде имаме класична злоупотреба на субвенциите“,
вели Серафимовски.
Според министерот, погрешна е и примената на субвенциите кои, како што нагласува, не треба да бидат социјална компонента, туку треба да стимулираат раст на производството/продукцијата во почетна фаза.
