Податоците од Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека договорот од 100 000 евра меѓу СОЗР и „Кожувчанка“ е склучен во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Бирото за јавни набавки дало позитивно мислење за постапката, оти се работело за набавка поради крајна итност. Според понудата, објавена во прилог на договорот, шише вода од 1,5 литри со ДДВ чини 12 денари

Од компанијата „Кожувчанка“, која е во сопственост на градоначалникот на Општина Кавадарци, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, велат дека со индигнација ги отфрлуваат тврдењата на СДСМ, кои денеска обвинија оти Владата без распишан тендер направила „бизнис-зделка“ со набавката на вода за пиење за гостиварци во вредност од 100 000 евра.
„Кожувчанка“ тврди дека учествувале на јавен повик, иако податоците од Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека договорот е склучен во постапка со преговарање – без претходно објавување оглас.
На повикот, велат оттаму, се пријавиле со понуда значително пониска од редовната продажна цена на производот.
„Во име на вистината, тврдиме дека учествувавме на јавниот повик на службите на Владата за набавка на флаширана вода за потребите на Општина Гостивар, при што нашата компанија се пријави со понуда од 12,5 денари по шише, цена која е значително пониска од редовната продажна цена на производот, која изнесува 25 денари. Разликата помеѓу редовната продажна цена и понудената цена за набавката на Владата компанијата целосно ја презема на свој товар, како наш гест на општествена одговорност, солидарност и филантропија. Уверени сме дека во вакви околности најголемата корпоративна вредност не смее да биде профитот, туку солидарноста и поддршката на заедницата“,
велат од компанијата во објава на Фејсбук.
Според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, договорот од 100 000 евра меѓу СОЗР и „Кожувчанка“ е склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас.

Бирото за јавни набавки дало позитивно мислење за постапката оти се работело за набавка поради крајна итност.

Според понудата, објавена во прилог на договорот, шише вода од 1,5 литри со ДДВ чини 12 денари, а наведено е и дека количините ќе се нарачуваат до исполнување на износот на договорот.

Претходно денеска и Владата потврди дека постапката со преговарање ја спровела Службата за општи и заеднички работи, но и дека договорот преку тендер го добила „Кожувчанка“.
„Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата ‘Кожувчанка’. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата ‘Кожувчанка’ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба“,
кажаа од Владата.
СДСМ, пак, обвинија дека Владата ја искористила моменталната ситуација во Гостивар за да склучи договор без претходно распишан тендер и тоа со фирма која е сопственост на градоначалникот на Кавадарци. Потегот го нарекоа „бизнис-зделка на тендер-патриотите Мицкоски и ВМРО-ОКГ“.
Од „Илинденска“ посочија дека обвинувањата на СДСМ се дрски и безобразни лаги. Оттаму наведоа дека ќе продолжат да доставуваат вода за гостиварци сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба.
