Претставниците на сојузните држави, главно предводени од демократите, обвинуваат дека новите царини се изговор за замена на претходните царини што Врховниот суд на САД во февруари годинава ги поништи како неуставни, тврдејќи дека царинската политика на САД може да биде водена само од Конгресот
Дваесет и пет сојузни американски држави, главно предводени од демократите, поднесоа тужба против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, оспорувајќи ги најновите царини во висина од 10 до 12,5 проценти, што во јули годинава беа воведени за 59 земји и за Европската Унија.

Претставниците на сојузните држави обвинуваат дека новите царини се изговор за замена на претходните царини што Врховниот суд на САД во февруари годинава ги поништи како неуставни, тврдејќи дека царинската политика на САД, како составен дел од даночната политика, може да биде водена само од Конгресот.
„По одлуката на Врховниот суд, администрацијата на Трамп повторно се обидува нелегално да ги зголеми даноците за семејствата и бизнисите со нова рунда царини. Трамп повторно се обидува да им нанесе повеќе штета на работничките семејства и домашните бизниси“,
се наведува во тужбата.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 24 јули воведе нови царини од 10 и 12,5 проценти на 60 трговски партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија, поради обвинувања дека не прават доволно за да го спречат извозот на стоки произведени преку принудна работа.
