На јавниот повик за набавка на 100 илјади тони јаглен, затворен на 4 јуни, е избран економскиот оператор „Протергиа енерџи ДООЕЛ“. По оваа набавка, кон крајот на јуни бил склучен нов договор за дополнителни 100 илјади тони јаглен, а во средината на јули уште еден договор за 150 илјади тони. Јавниот повик за обезбедување јаглен останува отворен до почетокот на октомври
Државната компанија ЕСМ во рок од два месеци склучи договори за набавка на вкупно 350 илјади тони јаглен за потребите на РЕК „Битола“, објави денеска ТВ Телма.

Првите 100 илјади тони, договорени на почетокот на јуни, се во вредност од околу 5,3 милиони евра, а ќе ги испорачува грчката компанија „Протергиа енерџи“.
Од ЕСМ информираат дека на јавниот повик за набавка на 100 илјади тони јаглен, затворен на 4 јуни, е избран економскиот оператор „Протергиа енерџи ДООЕЛ“. Договорот е склучен по цена од 449 денари за гигаџул.
По оваа набавка, кон крајот на јуни бил склучен нов договор за дополнителни 100 илјади тони јаглен, а во средината на јули уште еден договор за 150 илјади тони. Јавниот повик за обезбедување јаглен останува отворен до почетокот на октомври.
Инаку, „Протергиа енерџи ДООЕЛ“ во изминатиот период е еден од редовните добавувачи на јаглен за потребите на термоелектраните во земјава. Компанијата е во сопственост на „Митилинеос“, фирма со која претходно беа водени разговори за изградба на гасна централа во Скопје.
Поради намалениот капацитет на домашните рудници, ЕСМ сè повеќе се потпира на увоз на јаглен од странски добавувачи.
Според последниот извештај на компанијата, минатата година биле набавени помали количества јаглен, но била зголемена употребата на мазут за потребите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, за што биле потрошени над 30 милиони евра.
Претходно, од ЕСМ посочија дека потребата од дополнителен енергенс е поради понискиот квалитет на јагленот што се користи, а во одреден период бил користен и мазут од државните резерви.
И покрај најавите за зголемено производство на електрична енергија, 2025 година заврши со најниско производство на ЕСМ во последната деценија, откако не беа реализирани очекувањата за производство од над 5 000 гигават-часови електрична енергија.
