При претресите, сите спроведени во село Добридол, одземени се оружје и муниција
Случајот беше покренат откако на социјалните мрежи се појави снимка од семејна веселба во гостиварското село Добридол, на која се гледа како повеќе лица пукаат со оружје
Шест лица се приведени, а едно е повикано на службен разговор во врска со пукање на семејна веселба во гостиварско Добридол, за што е објавено видео на социјалните мрежи – информираа вечерва од Министерството за внатрешни работи по спроведени претреси на повеќе локации.

За време на претресите, сите спроведени во село Добридол, одземени се оружје и муниција.
Според наводите на МВР, во 18:00 часот бил извршен претрес кај И.С. (21), а пет минути подоцна кај А.И. (30), при што бил пронајден и одземен еден гасен пиштол. Истовремено претрес бил извршен и кај И.Б. (25). Во 18:15 часот полицијата извршила претрес во домот на Б.А., каде што биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот биле пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје.
„Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од Добридол. Во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М. (26), при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор“,
информираат од МВР.
По целосно документирање на случајот, МВР најавува соодветни пријави против лицата опфатени во акцијата.
Случајот беше покренат откако на социјалните мрежи се појави видеоснимка од семејна веселба во гостиварското село Добридол, на која се гледа како повеќе лица пукаат со оружје. Во прилог на објавата на МВР на социјалните мрежи, споделено е и видеото од пукањето на приватната прослава.
