Програмата ќе започне претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегации на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посетат Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево
Покрај свечената програма на Гумење, музички содржини ќе има и во Градскиот парк во центарот на Крушево
Со кревање на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечерва во Крушево започнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која се одбележуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.

Програмата ќе започне претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегации на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посетат Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот, пред Столбот на Крушевската Република кај црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, ќе бидат пречекани Илинденските коњаници, по што ќе се формира поворка кон платото на Гумење.
Според Захарија Ангелеска од Националната установа Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“, се очекуваат од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија.
„Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции“,
кажа таа
Во рамки на одбележувањата, делегации ќе положат цвеќе и ќе им оддадат почит на значајни историски обележја – гробот на Питу Гули на Гумење, Споменикот на Партизанските гробишта, гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко.
Во 19:30 часот пред споменикот „Илинден“ ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“, а во 20 часот на Гумење ќе се одржи свеченото отворање на манифестацијата.
На отворањето се предвидени обраќање на градоначалникот на Крушево Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – еден од најпрепознатливите симболи на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечената програма на Гумење, музички содржини ќе има и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
„Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк“,
вели Ангелеска.
Централното чествување по повод Илинден ќе се одржи утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
