„Се вработија 300 специјализанти, а 300 останаа надвор од проектот. На вчерашната седница се донесе одлука повторно да се отвори процесот и тие 300 специјализанти што не беа вработени да се вработат до крајот на годинава“, рече министерот за здравство
Според него, приоритет ќе бидат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и специјализантите кај кои има дефицит на кадар
Владата на вчерашната седница донесе одлука за откочување на процесот за вработување на уште 300 од вкупно 600 специјализанти чие вработување беше предвидено со одлука од 2024 година, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски.
Процесот за нивно вработување, како што кажа, треба да заврши до крајот на годината.

„По одреден застој се откочи процесот за вработување на 600 специјализанти. Тоа е одлука на Владата од 2024 година. Се доцнеше со спроведување на одлуката. Се вработија 300 специјализанти, а 300 останаа надвор од проектот. На вчерашната седница се донесе одлука повторно да се отвори процесот и тие 300 специјализанти што не беа вработени да се вработат до крајот на годинава“,
рече Клековски.
Министерството за здравство планира да го обнови повикот бидејќи, како што додаде, од последното изразување интерес поминал веќе одреден период.
Според информациите што ги имаат, вели дека околу 30 од тие 300 специјализанти во меѓувреме се вработиле по редовен пат.
„Сакаме да видиме кој е интересот на специјализантите. Апсолутен приоритет ќе бидат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и специјализантите кај кои има дефицит на кадар“,
вели тој.
Со реализацијата на овој процес, според министерот, треба значително да се подобри достапноста на специјалисти во јавниот здравствен систем.
Во јули 2024 година премиерот Христијан Мицкоски и тогашниот министер за здравство Арбен Таравари најавија дека е донесена одлука за вработување на 300 приватни специјализанти до крајот на таа година, како и за уште 300 такви вработувања за потребите на јавните здравствени установи до крајот на 2025 година.
На овој начин, посочија дека ќе им се даде шанса на младите лекари, а со тоа ќе им се овозможи и подобра здравствена услуга на граѓаните.
